Економија, финансии, бизнис

Контакт

УСТАВЕН СУД: Вовед во политичко самоубиство на македонската Јустиција!?

УСТАВЕН СУД: Вовед во политичко самоубиство на македонската Јустиција!?
Уставниот суд мегдан за политички битки или столб на државноста и уставноста. Оваа највисока правосудна институција е пред голем предизвик. Утре треба да донесе одлука – дали ќе го укине Законот за помилување и ќе дозволи Претседателот на државата да може да помилува обвинети за изборен криминал. Со оглед на распоредот на силите во Судот, исходот за многумина е очекуван. „Ако се суди според експресното процесуирање на иницијативата, а тоа се неполни 40 дена, не треба да се очекува ништо спектакуларно  и непредвидливо на седницата, освен петорката уставни судии да  го запечати својот досегашен став. А,тоа значи да ги стави вон правниот поредок измените во целост, а со тоа  и клучната одредба, која ги предвидува  исклучоците во правото на претседателот на државата да  помилува неколку категории осудени лица или да аболира обвинети лица  уште за време на истражна постапка. Евентуален поинаков расплет би бил можен,само доколку од центарот кој го креираше ваквото сценарио за минирање на одлуките на Специјалното обвинителство за изборни нерегуларности, би дошла поинаква команда. “, вели за Фактор новинарката од „Утрински весник“ Гордана Дувњак. Исти се очекувањата и на поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски. И неговата прогноза е дека мнозинството во судот на чело со претседателката Елена Гошева ќе гласа за укинување на Законот за помилување. „Уставниот суд е исправен пред две можности - да констатира дека тие одредби се противуставни, а тоа е во судир со самите принципи на Уставот и неговите  темелни вредности. Тоа не е уривање на Уставот, туку уривање и на државата. Другата можна алтернатива е тие петмина судии да ја видат вистината и да ја запрат постапката. Лично се надевам дека постои доблест, но од мнозинството во Судот се сомневам дека ќе се надминат себе си.“, изјави за Фактор екс  претседателот на Уставниот суд Трендафил Ивановски. Протест и контрапротест Во пресрет на седницата, денеска пред Уставниот суд е закажан протест во организација на граѓанската платформа „Ајде“, на која ќе и се приклучи и СДСМ и некои помали политички партии. Во истовреме од другата страна на зградата на Уставниот суд, пред платото на Обвинителството, собир најави  партијата на Стевчо Јакимовски ГРОМ за поддршка на македонските институции. - Се почесто сме соочени со непринципиелни напади врз институциите. Нападите се политички мотивирани во зависност од тоа дали и одговара на една политичка гарнитура или не, така одат и атаците кон нив. Видовме дека високи партиски функционери изјавуваат оти не ги признаваат судовите, не го признаваат обвинителството и одат дотаму што не покажуваат почитување ниту за највисоките судски инстанци, вклучувајќи го Врховниот и Уставниот суд, изјави претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски. „Ајде“ протестот го организира со цел да го заштити Уставот и бара оставка од судиите кои гласаа за поведување на постапка за оценување на уставноста  на оспорениот Закон. „На ваков начин ние, граѓаните, решително и бескомпромисно ќе им порачаме на уставните судии: Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски дека мора да ја поништат одлуката за помилување и дека мора да си поденесат оставка. Тие се „гробари“ на Уставот и соучесници на власта во изборните кражби, затоа што причинско-последичната врска меѓу нивната одлука и случајот „Титаник“ е повеќе од очигледна“, велат од „Ајде“. Стравувањата на „Ајде“ се дека ако се укине Законот за помилување, лавината ќе тргне, па може дури да се оспори и Законот за специјално обвинителство. Дувњак вели дека е наивно да се верува дека „целата оваа  срамна епизода  на Уставниот суд“ се прави без основа и  политичка позадина. Но тоа, не би требало да ја обесхрабрува и деморализира Специјалната обвинителка. „Нејзиниот тим  мора да продолжи со истражување на случаите и  со обезбедување квалитетни докази, дури и во вакви околности. Сепак, тешко е да се поверува дека дури  и Иванов ќе може да си дозволи,толку голема бламажа и да влезе во мртва трка со Јанева, која би се свела на  реченицата: “вие не можете толку да обвините, колку што јас можам да помилувам и аболирам“.Таквата лакрдија нема да помине незапазено и без реакции, како од домашната јавност,така и од мегународната, бидејки би значело директно уривање на Договорот од Пржино “, смета Дувњак. „Наши“ и „ваши“ судии Уставниот суд не е и не смее да биде миленик на било која власт и парламентарното мнозинство,бидејки според уставните овластување е коректив  и чувар на уставноста и законитоста во државата“, вели Дувњак. Не случајно и мандатот на уставните судии е најдолг од сите именувани и избрани функционери и изнесува девет години.Тоа значи дека уставотоворецот водел сметка да не го врзува со мандатот на една политичка гарнитура. Одлуките на Уставниот суд не секогаш биле по волја на партиите што се на власт, дури и во време кога  се мислело дека се блиски до определена политичка партија, ама затоа што судиите биле  предложени или изгласани од определено парламентарно мнозинство. „Разликата е во односот на  партиите кон Уставниот суд,како и начинот на кој што се примале одлуките што не се по нивна волја. Владите на Бранко Црвенковски молкум и без видливо негодување, онаа на Љупчо Георгиевски суптилно-преку доцнење на плати на уставните судии и на ускратување на погодности што им следуваат, додека владите на чело со Никола Груевски  со жестоко етикетирање и  хајка против Уставниот суд, нарекувајќи го кочничар на реформите.“, изјави новинарката Дувњак. Поранешниот уставен судија Ивановски признава дека поделба во Судот имало секогаш. Но, уверува дека кога се носеле одлуките „црвената линија“ секогаш била Уставот. „Тоа мнозинство секогаш се обидувало да биде во линија на заштита на уставноста и заштита на правдата. Отсекогаш постоела двојба во судот, но никогаш не сме сакале да го уриваме темелот на државата. Имало многу предизвици, но имаше судии кои имаа храброст да застанат во одбрана на Уставот“, смета Ивановски. Инаку, иницијативата за оценување на уставноста на Законот за помилување до Уставниот суд ја поднесе младиот адвокат Ристо Китевски од Охрид, кој ја дели канцеларијата со адвокатот Љупчо Наумовски – правен застапник во предметот „Титаник“ на екс министерката Гордана Јанкулоска и градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко. Иницијативата во Уставниот суд стигна на 5 февруари, а конечна одлука ќе биде донесена веќе на 16 март. М.Ј.
Слично

Поврзани вести