Уставен ќе паузира со седници, Законот за СЈО ќе почека
Уставен суд ќе паузира со седници до септември, што значи дека и Законот за СЈО ќе почека.
Иницијативата за оценка на уставноста на Законот за специјално јавно обвинителство би се нашла на дневен ред на судот наесен, кога одморите ќе завршат и судиите ќе продолжат со работа во полн состав.
Оценување на уставноста на СЈО бараше „Шарената револуција“, но и СДСМ. Токму поради овие причини тие ја „замрзнаа“ работата во Собранието се додека Уставниот суд не се произнесе за оваа иницијатива од пред осум месеци.
Наесен ќе се одлучува и за иницијативата за уставноста на одлуката за поставување на 55-метарскиот крст во општина Бутел. Неа во март ја поднел струшкиот градоначалник, Зијадин Села затоа што смета дека одлуката не била во согласност со Бадинтеровиот принцип.
Оваа иницијатива претходно беше ставена на дневен ред на судот, по што три пати беше одложувана.
