Успешните компании се овде: Со четворица практиканти формирале македонска фирма која работи за Линкедин
Клиентот е секогаш најважен на листата нели? Но, што доколку и вработените се третирани исто така? Во BizzBee Solutions таа приказна станува реалност, вели Данчо Димков, сопственик на оваа домашна компанија, кога го прашавме на што прво му текнува ако прашањето е по што се разликуваат од другите. Но тоа секако не е единствен нивен квалитет. Почнале со четворица практиканти, ама оваа фирма сега брзо се шири. Нудат услуги на други компании во однос на испитување на пазарот, создавање нов бизнис план, оформување на контакти. Еден од клиентите им е и маркетниг гигантот LinkedIn со кого работеле на развој на нови производи и услуги на нивната платформа на светско ниво. Фирма од Финска, пак, која важи за еден од гигантите во областа, со помош на македонската компанија успеала да присвои капитална инвестиција од 20 милиони долари. Разговорот со Димков е пред се позитивен оти тој има став дека младите можат да го освојат светот и без да си отидат од Македонија.За сопствената компанија вели дека има амбиција која излегува надвор од балканските простори. На шега вели дека не се Salesforce.com, но дека не се ни обидуваат да бидат. Учат од гиганти и соработуваат со нив.
Приказната започнала пред повеќе од десет години, но како тим BizzBee Solutions на пазарот постои две и пол години. Уште на стартот соработувале со 250 различни клиенти.

ОДЛУКИТЕ ГИ НОСАТ СИТЕ ВРАБОТЕНИ
Од четворицата практиканти со кои започнале само како тест, а за три месеци истата година, тимот пораснал двојно, за уште два месеци стасале до тим од 18 луѓе. Моменто се 28 млади амбициозни дечки.

Моментно со оваа продуктивност имаат по 100 нови клиенти годишно, плус клиентите кои останале лојални од претходниот период.

“Како човек за продажба во BizzBee Solutions што работи повеќе од една година, би сакала да ги нагласам извонредните работни услови во компанијата и беспрекорното разбирање од страна на колегите и менаџментот. Што се однесува до работата, таа е доста динамична. Секојдневната комуникација со клиенти со различна позадина кои доаѓаат од сите страни на светот, го збогатува моето знаење, ги проширува моите хоризонти и го надградува моето професионално, но и лично искуство, вели Марина Поп-Ѓошева.
Сепак сите велат оти тие се доста работливи, а менаџментот не е единствен кој донесува одлуки, туку сите вработени.

РАБОТА СО ГИГАНТИ
Инаку во бизнис планирањето помогнале на огромен број компании, а меѓу нив, еден гигант во кафе бизнисот, еден финансиски портал, имиграциона агенција. Моментно работат на бизнис план за една авио компанија. Го истражувале пазарот за неколку клучни фирми во индустријата. Димков вели дека една од нивните цели е да продолжат со тоа да ја ставаат нивната експертиза во корист на претприемачите и старт-ап компаниите низ целиот свет.

„Нашата цел е да продолжиме со нагорно темпо во двете насоки како одржлив и препознатлив бренд на светскиот пазар во нашата област, но и да имаме одлично поле за раст и развој на членовите на нашиот тим, бидејќи тие се моторот на BizzBee Solutions. Поради зголемениот раст континуирано имаме потреба од нов и свеж кадар, но бидејќи сакаме да ги поттикнеме младите да ја започнат кариерата во оваа област, нудиме и платени пракси каде што им овозможуваме да го вкусат работењето во професионалнабизнис средина. Секако со можност да ја изградат таа кариера понатаму кај нас, вели Димков.

Александра Томиќ
