„Усје“ чести за Нова година! На УЈП ќе и легнат 2 милиони евра, домашните мали акционери ќе земат 927.000 евра
„Усје“ повторно е на висина на задачата и спреми убаво и пријатно новогодишно изненадување за своите акционери. Секој од нив ќе добие авансна дивиденда од 35 евра (нето износ н.з.) за секоја своја акција во „Усје“ и тоа најдоцна до крајот на годинава.
Скопската цементарница „Усје“ ќе ги израдува сите свои акционери пред Нова година. Потег за почит и поздравување со кој компанијата ќе подели авансна дивиденда во вкупен бруто износ што надминува 22 милиони евра.
Оваа голема македонска компанија објави дека најдоцна до крајот на оваа година ќе исплати дивиденда во бруто износ од 22,04 милиони евра односно за секоја акција бруто дивидендата изнесува 39 евра.
Нето дивидендата по акција изнесува 35 евра. А 10 отсто од вредноста на бруто дивидендата ќе легнат на сметката на Управата за јавни приходи (УЈП) која по сила на закон ќе наплати 10 отсто персоналец кај физичките лица или данок на заддршка кај странските акционери (во случајот холандски „Титан“ н.з.). „Титан“ како убедливо најголем акционер ќе наплати 19 милиони евра дивиденда.
Според акционерската книга од официјалната база на Централниот депозитар за хартии од вредност (ЦДХВ) во „Усје“ акции имаат вкупно 246 домашни физички лица. Тие сите заедно поседуваат 4,7 отсто од сите акции со право на дивиденда во скопската цементарница. Врз основа на тоа малите акционери домашни физички лица ќе поделат 927.500 евра токму пред Нова година. Во просек секој домашен акционер од „Усје“ ќе добие по 3.760 евра во дивиденда.
УЈП ќе наплати 2 милиони евра кои од централниот буџет ќе се прераспределат за функционирање на државата, за социјални трансфери или за вложување во капитални проекти.
„Усје“ е една од најуспешните македонски компании која редовно е меѓу најуспешните фирми во земјава. Исто така вреди да се истакне дека „Усје“ има беспрекорна дивиденда репутација односно редовно дели дивиденда на своите акционери.
Официјалните историски податоци покажуваат дека во последните три година (2021, 2022 и 2023 година) „Усје“ на своите акционери им исплатил вкупно 5.800 денари бруто дивиденда.
Акцијата на „Усје“ е посакувана и високо ценета хартија од вредност на нашиот пазар на капитал. Последната пазарна цена на таа акција е 37.000 денари, а приносот е 5,8 отсто.
Р.Ф.