Економија, финансии, бизнис

Контакт

Уште нецел месец за пријавување, а дијаспората во дилеми – како се гласа?

Уште нецел месец за пријавување, а дијаспората во дилеми – како се гласа?
Како ќе се гласа на претстојните претседателски избори, каде да се пријават Македонците во дијаспората и каде ќе можат да го остварат гласачкото право - ова биле најчестите прашања кои му ги поставувале македонските иселеници на пратеникот од американската изборна единица Павле Саздов, кој е во посета на САД и Канада. Македонските државјани кои живеат во странство имаат рок до 7 март да се пријават за гласање на претседателските избори, во македонските дипломатски претставништва или преку интернет страницата на Државната изборна комисија. „Во Северна Америка ќе се гласа во двете амбасади, во Вашингтон и во Отава, како и во конзуларните претставништва во Њујорк, Чикаго, Детроит и Торонто. Откако изборите беа распишани, до заклучувањето на избирачкиот список, граѓаните треба да се пријават за гласање, така што ќе отидат до најблиското дипломатско претставништво, каде ќе пополнат пријава за гласање, и воедно ќе остават копија од македонскиот пасош и од документ со кој ќе покажат како престојуваат во САД или во Канада – значи копија од визата, зелената карта или од странскиот пасош доколку се двојни државјани“, вели Саздов. Другиот начин за пријавување за гласање е преку интернет страницата на Државната изборна комисија каде може да се симне пријавата за гласање, која содржи и информации како граѓанинот може да се пријави за гласање. Пополнетата пријава, заедно со скенирани копии од македонскиот пасош и од документот со кој се докажува привремен престој или работа во странство, потоа треба да се испратат на интернет адресата на Државната изборна комисија. Овие претседателски избори, закажани за 13-ти април, ќе бидат првите на кои за изборот на шеф на државата ќе се изјаснува и дијаспората. Гласањето на дијаспората ќе се одржи еден ден претходно - на 12-ти април и тоа во три изборни единици - Европа, Австралија и Америка. За секое гласачко место на кое ќе има над 1.000 пријавени гласачи, ќе се отвори дополнително гласачко место, односно ќе се испрати уште една изборна комисија, за да се овозможи полесно гласање. Но, на претходните парламентарни избори, на кои воопшто за првпат гласаа иселениците, одзивот беше слаб. Експерти за Фактор неодамна коментираа дека гласањето на дијаспората не е скапо, но е неефикасно и неисплатливо, затоа што цела изборна машинерија се покренува за мал број гласачи. Експертите сметаат дека најпрвин мора да се подготви терен, да се информираат и анимираат гласачите во дијаспората, а дури потоа да се организираат избори таму.  
Слично

Поврзани вести