Уште колку ќе се задолжува Владата до крајот на годинава?
Владата денеска ќе спроведе ново задолжување. Од домашните кредитори бара на заем 3,5 милиони евра. Според објавените податоци во Проспектите на Министерството за финансии, станува збор за продажба на државни хартии од вредност со рок на доспевање од три месеци, 364 дена, 10 и 15 години. Парите од ова задолжување ќе завршат за директна буџетска поддршка, со оглед на тоа што утре нема доспевање на долгови.
На истекот од оваа календарска година, до завршување, според податоците од Министерството за финансии, ќе се спроведат уште пет задолжувања, едно до крајот на овој месец и уште четири во текот на декември. Од друга страна, во овој период, Владата по основ на доспеани долгови на домашните кредитори треба да им врати 86,2 милиони евра. Само во текот на втората половина од годинава Владата спроведе задолжувања на 18 одделни аукциски денови. Но, освен што следуваат уште четири задолжувања, до крајот на оваа 2015 та година треба да се реализира и задолжувањето преку новата Еврообврзница во вредност од 500 милиони евра.
Во текот на годинава, Владата преку задолжувањата од домашните кредитори, главно обезбедуваше пари со кои ги враќаше веќе доспеаните долгови а продолжи и трендот на менување на структурата на долгот од аспект на рочноста. Имено, и натаму се зголемува салдото на долгови со рок на доспевање по пет, десет или петнаесет години.
Во изминатиот период нивото на Јавниот долг е растечко, а зголемени се и долговите на јавните претпријатија за кои гарантира Владата, за што беше посочено и во најновиот Извештај на Брисел за напредокот на Македонија. Нивото на јавниот долг според Европската комисија, ќе надмине 50 отсто од БДП.
“Дефицитите го водат општото ниво на државниот долг, кој се предвидува да се зголеми над 40 проценти од БДП во блиска иднина, односно веќе од следната година. Севкупно, нивото на јавниот долг, кој ги вклучува владиниот гарантиран долг на претпријатијата во државна сопственост, дури и може да надмине 50% од БДП“, посочи ЕК во најновиот извештај.
Според последните податоци, заклучно со третиот квартал од годинава вкупниот Јавен долг изнесува 3,9 милијарди евра или 43,9 проценти од БДП. Од овие пари, скоро 1,3 милиајрди евра е долг кон домашните кредитори а 2,6 милијарди евра државата должи кон странство.
Р.Ф.
Слично
