Уште еден самит на НАТО на кој Македонија нема на што да се надева
Во Кардиф, Велс денеска започнува дводневниот НАТО самит на кој во фокусот е кризата во Украина и зајакнувањето на присуството на Алијансата на нејзините источни граници.
Американскиот претседател Барак Обама најави дека очекува од самитот да биде испратена силна поддршка за Украина. „Не е владата во Киев таа која ја дестабилизира источна Украина. Тоа се проруските сепаратисти кои се охрабрени од Русија, финансирани од Русија, тренирани од Русија, снабдени од Русија и вооружени од Русија. Руските сили кои влегоа во Украина не се на хуманитарна или мировна мисија. Тие се борбени сили“, рече Обама.
На самитот во Велика Британија се разговара и за растечката опасност од радикалната Исламска држава која зазема територии од Ирак и Сирија.
„Ако Исламската држава или секоја друга државна или недржавна група му се закани на некој сојузник на НАТО ние нема да се колебаме да ги преземе неопходните чекори за заштита“, рече генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен.
Покрај овие големи теми за кои ќе дискутираат лидерите на земјите-членки на Алијансата, за проширувањето нема место на агендата. Според аналитиарите, причина за ова е што целото внимание на Алијансата сега е насочено кон безбедносните предзивици, кризата во Украина и редефинирањето на односите со Русија.
Земјите од регионот, меѓу кои е и Македонија, повторно ќе треба да чекаат подобри времиња. Во случајот на Македонија, надежите во јавноста пред секој самит се подигаат, иако челниците на НАТО повеќепати нагласуваат дека за членство е неопходно решение на спорот околу името - доколку се реши проблемот со Грција, не е потребен самит за земјава да биде примена во членство.
Сепак, шест години по самитот во Букурешт и две години по состанокот во Чикаго, и покрај декларативната политика на отворени врати, Алијансата останува затворена за нови членки. Освен Македонија, на прием се надеваат и Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Слично
