Уште еден рок за автопатот Штип - Миладиновци
Новиот пат Штип - Миладиновци, кој требаше да биде пуштен во употреба уште зимоска, доби нов рок од 10 до 15 дена до почетокот на неговото користење. Овој пат, оваа прогноза ја даде директорот на Државни патишта, Зоран Китанов, кој нагласи дека во изминатите месеци се корегирале грешките што се направиле при проектирањето во кое не било предвидено пристап на сервисни патишта за населението од светиниколскиот регион и заштитната мрежа по должината на автопатот.
-Од изведувачот „Синхидро” добивме известување на 19 декември дека автопатот е готов, но повторувам по кој знае кој пат дека бевме во инспекција и видовме дека еден дел од сервисните патишта и што е поважно за безбедноста на учесниците во сообраќајот мрежите, што се покрај автопатот не се завршени. Беа завршени 60 отсто, а 40 отсто не беа завршени и затоа дадовме налог кинескиот изведувач „Синохидро” да си ги заврши. На мое и на ваше задоволство можам да кажам дека направив увид на некаде десетина километри во моментов не е заврешена мрежата и ако земете во обзир дека некаде на еден километар на ден се поставува мрежа, значи за 10 до 15 дена ќе биде пуштен патот. На некои места ќе има времен сообраќаен режим, каде што ќе се прават клучките за помошните места, за сервисните патишта за да граѓаните си одат до своите парцели, изјави Китанов.
Претходно, Горан Сугарески, министерот за транспорт и врски, одговарајќи на пратеничко прашање рече дека автопатот ќе биде пуштен во употреба по претседателските избори и дека било потребно да се направат технички корекции од безбедносен аспект на еден од надвозниците.
Новиот автопат Миладиновци – Штип требаше да започне да се користи на почетокот на март. Долг е 47 километри, а понатаму ќе има и две патарини. Изградбата на автопатот почна во февруари 2014 година, со инвестиција во износ од 206 милиони евра, обезбедени од кредит од кинеската ЕКСИМ банка и буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.
