УШТЕ ЕДЕН ЈУГОСЛОВЕНСКИ ГИГАНТ ПРЕД КОЛАПС: Немаат ни за струја, а се заканува еколошка катастрофа
Компанијата „Нова Железара Зеница“ се соочува со сериозна криза, откако поради големи долгови е најавено исклучување на електричната енергија, што може да доведе до целосен прекин на работата и потенцијална еколошка катастрофа.
Како што пренесува Klix.ba, надлежните институции се веќе известени за ризикот од хаварија, а ситуацијата се следи со зголемено внимание.
Пред околу две недели компанијата добила опомена за долгови за греење и гас, а на последниот состанок се воделе тешки разговори поради неможноста да се подмират обврските.
Поради сериозноста на состојбата, извршен е увид на терен и изготвен е план на кризен штаб со цел да се спречи поголема материјална штета и евентуален инцидент.
Во меѓувреме, започната е и судска постапка, со која располагањето со имотот на железарата ќе биде условено со согласност од надлежните органи.
Доколку долговите не се подмират, исклучувањето на струјата е планирано за понеделник, што би можело да предизвика сериозни проблеми во производниот процес, оштетување на опремата и ризик за безбедноста на вработените.
Од компанијата претходно предупредија дека нивното работење е сериозно загрозено, а дополнителен удар претставува и отсуството на заштитни мерки во увозот и извозот на челик, што ја доведува железарата на чекор до затворање.
