Економија, финансии, бизнис

Контакт

УРЕДНИЧКИ СМЕНИ: Промени во МРТ, смени и во приватни медиуми – се спроведува или се минира договорот од Пржино!

УРЕДНИЧКИ СМЕНИ: Промени во МРТ, смени и во приватни медиуми – се спроведува или се минира договорот од Пржино!
Во два од трите весници кои се дел од компанијата МПМ разрешувања и именувања во врвот на уредништвото.  Промени и во врвот на јавниот сервис МРТ. На истекот од ланската година во медиумскиот бизнис  започнаа транфери на новинари од една во друга телевизија. Дали овие поместувања најавуваат создавање на терен за спроведување на политичкиот договор од Пржино поврзан со реформите во медиумите или напротив, се саботира договореното ? Уреднички смени во “провладините“ медиуми ... Шпекулации кои подлго време тлееа во јавноста за уреднички смени во дел од медиумите кои важат за “провладини“ се обзнанија. Од јавниот сервис МТВ замина Горан Петрески, уредник на информативната редакција. Петрески,  заедно со уште две новинарски имиња се споменуваше како можен наследник на Горан Михајловски, доскорешен главен уредник на весникот “Вест“. Државната МРТ веќе ја напушти уште еден уредник, кој според лиферуваните информации, ќе застане на чело на новиот  проект “Телевизија Нова“. Заминувањето на дел од уредниците од националниот медиум различно се коменитира во новинарско-политичките кругови. “Уште еден шамар за Пржино. Уште еден шамар за демократската јавност. Уште еден шамар за оние шо сакаат да мислат слободно. Само што сметам дека сите именувања, назначувања, избор на десетина најверни поддржувачи на Груевски, кои се случија во последните 10 дена, носи гласови меѓу поддржувачите на позицијата за разлика од пишувањето на доказ.мк и компанија кое одзема гласови меѓу поддржувачите на опозицијата. Уствари заборавив дека се декларираше дека е од ВМРО-ДПМНЕ. Што секако не е забрането, напротив го личи, како и новиот уредник на ВЕСТ. Ама секој со својот избор“, напиша на Фејсбук Јани Макрадули, поранешен пратеник од редовите на СДСМ. Сепак, дел во новинарските кругови се коментира дека уредувачките смени во МТВ се претходница на можните промени кои ќе се случат во државната телевизија а се поврзани со спроведување на договорот од Пржино. “Очекувано беше повлекувањето на дел од уредниците бидејќи многу скоро ќе се случат промени во јавниот сервис на повеќе нивоа. Тоа ќе биде неопходно ако сакаме да се исполни договорот од Пржино во делот на реформите во медиумите. Дали дел од уредништвото се “згрижува“ на некој начин е друго прашање, но во големата слика, промените се видливи и се како резултат на условите превземени со политичкиот договор од Пржино“, коментираат познавачите за “Фактор“. Дел од поранешните уредници во МРТ оценуваат дека се потребни суштински промени кои ќе донесат објективност во информирањето и конечно, јавниот сервис кој го плаќаат сите граѓани, да ја исполни својата функција. “Кога го договараат политичари и партии,  веројатно, политички и подложен на притисоци. Кога би го  работеле тоа еснафските  здруженијата и признати медиумски експерти и новинари, тогаш  би можеле да зборуваме за најповолен избор и формат. Ако се придодадат на тоа и меѓународите искуства и практики, сигурно би можеле да зборуваме за решение во интерес на сервис на граѓаните, а не мегафон и гласило во интерес на политичките елити и власта. Она што суштински му е потребно на јавниот сервис е да го ослободите од партиските и политичките притисоци и МРТВ да им ја вратите на новинарите  и  на граѓаните“, изјави неодамна за “Фактор“, новинарот Драган Антоновски. Медиумите, како дел од договорот од Пржино повторно се вратија на маса, откако тројцата европратеници  Вајгл, Кукан и Ховит по средбите во Скопје  изразија загриженост за неисполнувањето на обврските од Пржино, токму во делот на слободата на медиумите  и условените реформи кои терба да обезбедат фер и демократски избори. Медиумите завземаат позиции – ќе има ли изборна објективност? Промени во уредувачкиот тим се случија и во “Утрински весник“. Имено главната и одговорна уредничка Соња Крамарска го добила известувањето од менаџментот на МПМ дека ќе биде рапределана, односно сменета од досегшаната позиција на која беше од 2012 година. Според дел од јавувањата на медиумите, Крамарска веста ја добила тукушто вратена од боледување. Инаку, компанијата Медија Принт Макеоднија  ги издава трите дневни весника „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, како и други спортски и забавни магазини и весници.  МПМ е во сопствеништво на  „Графички центар ДОО“, која пај ја поседуваат три фирми:  „Мирекс Плус“, „Орка Холдинг“ и „Интернет инвестмент гроуп“. Зад трите фирми, кои се  сопственици на Графички центар ДОО, стојат бизнисмените Орце Камчев, Србинот Веселин Јевросимовиќ кој ги поседува и мнозинството акции во ТВ Алфа и поранешниот министер за надворешни работи и амбасадор во Германија,Срѓан Керим. Дел од весниците на МПМ беа подложни на големи уредички и новинарски прмени откако германскиот концерн ВАЦ ги продаде печатените медиуми. На самиот истек на ланската 2015 година, менаџментот на МПМ не го продолжи договорот за работа на тогашниот главен и одговорен уредник и автор на познатата колумна “Сакам да кажам“, Горан Михајловски, со што тој замина од весникот “Вест“ чии вработени  во изминатот период во повеќе наврати менифестираа револт поради вкупната состојба. За местото на Михајловски конкурираа сите уредници од „Вест“, меѓутоа менаџментот на МПМ се одлучи за Горан Петрески, кој освен во уредувачкиот врв на МТВ, беше дел и од уредништвото на А1 Телевизија. Инаку, утре и официјално Телевизија Нова треба да почне да емитува програма. Се работи за нов телевизиски проект зад кој стои бизнисменот и сопственик на компанијата “Трансмет“, Сеад Кочан. Пред стартот оваа телевизија, која според информациите ќе ја уредува една сега веќе поранешна уредничка и новинарка во МТВ, веќе вработи новинари и технички кадар , превземајќи ги од други приватни телевизии. Реформите во медиумскиот бизнис, со кои треба да се опфати на само државната МТВ, туку треба да ги засегнат и приватните телевизии, според пржинскиот договор, се сметаат за една од клучните алки без кои не се можни фер и демократски избори.  Р.Ф.    
Слично

Поврзани вести