Економија, финансии, бизнис

Контакт

Управниот суд ја отфрли тужбата на СДСМ за верификацијата на мандатите

Управниот суд ја отфрли тужбата на СДСМ за верификацијата на мандатите
Управниот суд како недозволена ја отфрли тужбата поднесена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за верификацијата на пратеничките мандати. Судот пресече дека не може да одлучува за работи во надлежност на Собранието. СДСМ со тужбата бараше поништување на одлуката за „насилна верификација на мандатите за пратениците од опозицијата“, затоа што тие доставиле изјави заверени на нотар со кои се откажуваат од освоениот мандат. Истовремено, партијата бараше и времена мерка со која ќе се стопираат правните последици од верификацијата на мандатите. „Пред Управниот суд не може да се поведе управен спор за работи, за кои врз основа на уставните овластувања директно одлучува Собранието“, стои во пресудата, а правниот застапник на СДСМ има рок од 15 дена оваа одлука да ја обжали до Вишиот управен суд. „Одлуката на Управниот суд е уште една потврда дека во Македонија нема институции, односно дека се е партија. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се над правото, над законот, над Уставот“, изјави портпаролот на СДСМ, Петар Шилегов. Според него, со ова уште еднаш се потврдиле двојните аршини на власта и селективната примена на законите. „Партиската директива што ја спроведе Управниот суд ништо нема да промени. СДСМ останува доследен на ставовите. Не ги прифаќаме криминалните избори коишто ги спроведе Никола Груевски ниту пак ќе ја промениме одлуката за неприфаќањето на мандатите. Правните игри на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја решат политичката криза. СДСМ превзеде обврска пред граѓаните и ќе истрае во борбата за правда, почитување на законите и создавање на услови за одржување на фер и демократски избори“, изјави Шилегов. Сепак, тој не појасни на кој начин во иднина ќе се одвива бојкотот на институциите од страна на опозицијата и дали пратениците од листите предводени од СДСМ ќе поднесат оставки на пратеничките функции.
Слично

Поврзани вести