“Универзитетот во рацете на студентите и професорите, гласот надвор посилно се слуша!”
Студентите и професорите излегуваат од кабинетите, амфитеатрите и читалните. Надвор, на отворено! Уште еднаш да испратат јасна порака до власта дека автономијата на Универзитетот која се градела со децении, а за којашто макотрпно се бореа изминативе месеци мора да се брани и негува, но од оние кои се директно засегнати и искрено желни за знаење и квалитет во високото образование.
Лепосава Огњаноска од Правниот факултет и член на Студентскиот пленум вели дека прогласувањето на автономна академска зона е чин замислен како симболично обележување на слободата на мислата и тежината на аргументите кои се на страната на студентите. Студентскиот Пленум, додава, одамна ја изгубил вербата во легитимноста на институциите, а кога институциите не се легитимни, останува примената на вонинституционалните мерки. На таа линија според неа, е и прогласување на автономна академска заедница.
“Пленумот гласно ќе ги повторува своите аргументи и барања, за да не се случи да бидат заборавени или слушнати одпосле. На таа линија е и автономната зона. Прогласувањето автономна зона е уште еден чекор кон потврда на автономијата која што не може да биде предмет на преговарање. Автономната зона е обединување на академската заедница односно студентите и професорите во оваа борба. Автономната зона е одбрана на Универзитетот и враќање на виското образование во рацете на академската заедница. Ние, студентите и професорите, рамо до рамо, држиме час по човекови права и демократија. Автономната зона испараќа апел дека во случај на одземање на автономијата на Универзитетот и академската заедница останува надвор. Како и претходно, напуштете ги амфитеатрите, ДОЈДИ И ПРИКЛУЧИ СЕ! Универзитетот ни припаѓа нам !”-потенцира Огњаноска.
Барањата на Студентскиот Пленум поддржани и од Професоркиот Пленум, според неа, се долго време игнорирани од институциите, за потоа одеднаш да бидат слушнати. Но крајната цел, вели е донесување на нов Закон со кој воедно ќе се воспостави гаранција дека при секоја следна измена ќе биде консултирана академската заедница.
“Токму Универзитетот треба да биде место каде што ќе се развива слободната мисла. Студентите, а подоцна и професорите, не можеа да останат неми на ваквите случувања. За првпат после многу години заедничката цел односно борбата за автономија ги обедини студентите. Несогласувањата со оваа промена беа изразена преку соодветна аргументација, при што освен што ваквата измена би ја нарушила автономијата, воедно не е соодветен механизам за адресирање на проблемите во високото образование. Државниот испит се најавуваше како гарант на минимално знаење, но високото образование треба да биде многу повеќе од минимално знаење. Петте прашања од државниот испит не се показател на стекнатото знаење. При тоа, постојат и други мерки за евалуација кои се веќе воспоставени со правна регулатива, но останува отворено прашањето колку се остварени”-додава Лепосава Огњаноска.
Закони без дебата, измени без исполнети барања!
Иако досега неколкупати можеше да се развие сериозна дебата со сите засегнати страни, според студентите, надлежните останаа глуви и направија само неколку интерни средби, со само за нив прифатливи предлози и решенија. Студентскиот пленум неколкупати досега алармираше дека првичниот предлог за екстерна проверка беше тактизирање во намерата да се воведе проблематичниот механизам, а за сериозни промени и квалитет е потребен сосема нов закон кој ќе ги третира сите проблеми кои го мачат студентот.
“Како што се очекуваше, овој Закон беше донесен. Но ваквиот тек на настаните само дополнително ја разгори борбата на Студентскиот Пленум и никако не значеше дека тука запираме, напротив. Крајната цел на оваа борба е донесување на Закон за високо образование што ќе ги адресира проблемите во вискокот образование и ќе понуди адекватни решенија, а за донесување на таков закон потребна е темелна анализа и сеопфатна јавна дискусија во која ќе бидат вклучени и студентите. . Студентскиот Пленум не запре со активностите и постојано укажуваше на противуставноста и несоодветноста на Законот. Меѓутоа, признанието за апсурдноста на овие законски измени дојде по нивното донесување. Битката беше добиена во моментот кога Владата ги повика засегнатите страни, меѓу кои и претставници на Студентскиот Пленум, со цел постигнување согласност околу одложување на донесениот Закон. Одложувањето на Законот, или попознато како мораториум, е чекор кон донесување нов Закон, согласно правната процедура”-нагласува Огњаноска.
Автономијата според студентите, подразбира слобода на високо образовните институции сами да ги определат наставните програми, начинот на студирање и полагање и останати круцијални прашања. Но автономијата вели студентката по право, е многу повеќе од тоа- предуслов за развивање на критичката мисла што е есенцијална за процесот на студирање кое нужно претпоставува постоење на автономија.
“Да се потсетиме: Владата пред неколку месеци се произнесе со ,,генијален” предлог за менување на Законот на високо образование, односно воведување на екстерно тестирање, подоцна преименувано во државен испит. Инаку, овој Закон е еден од најчесто менуваните закони во изминативе години. Без претходна евалуација на постигнатите резултати од досегашните измени во високото образование, беше заклучено дека постојат одредени недостаци, односно недостига квалитет и токму оваа мерка ќе биде најсоодветна за да го адресира проблемот. Процесот на донесување закони последниве години наликуваше на старата римска поговорка “quo principi placuit legis habet vigorem” или што владетелот ќе помисли има сила на закон. Но оваа измена не помина така лесно и незабележано. Оваа измена беше капката што ја прели чашата, бидејќи ,,удри” по ,,најсветото”- автономијата на Универзитетот, патем загарантирана со Уставот” -вели Лепосава Огњаноска.
Несогласувањето со измените на Законот за високо образование досега беше искажано на неколку масовни протести кои добија огромна поддршка од професори, граѓани, случајни и намерни минувачи. Владата, реагираат студентите, се обиде да ги игнорира и да ги прикаже како вообичаен младешки бунт или партиска дирекција. Но, нивниот одговор на барањата, велат бил нови и уште апсурдни реформи.
Во периодот додека е одложена примената на Законот, се пристапува кон донесување на нов Закон со кој се дерогира стариот. Постапката за измена на измената на Законот експресно влезе во Собраниска процедура. Но самата конфузност околу првичните измени, според студентите се пренесе и во овој случај, па се испостави дека одложената примена сепак не се однесува на сите точки од Законот.
Оттука, автентичното студентско движење кое функционира по принцип на пленарно дискутирање за студентските проблеми, права и обрврски, здружено и транспарентно преиспитување на правилата и институционалните мерки што ги засегаат најавува уште пожестока и поаргументирана реакција за здружено и солидарно да разменуваат искуства, да спротивставуваат мислења, да ги бранат и унапредуваат своите права и слободи и да реагираат кога нивните интереси се загрозени.
С.Б.
Слично
