Економија, финансии, бизнис

Контакт

Универзитетот апелира професорите да го прекинат штрајкот, тие велат – уште една манипулација

Универзитетот апелира професорите да го прекинат штрајкот, тие велат – уште една манипулација
Со соопштение до медиумите Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип денеска упати апел до тројцата професори кои штрајкуваат со глад да го прекинат протестот, ветувајќи дека по решението на Државниот просветен инспекторат ќе постапат кон средината на август. „По однос на решението е веќе постапено, односно рецензентските комисии ќе изготват нови извештаи согласно забелешките од Државниот просветен инспекторат, кои ги очекуваме кон средината на месец август 2014 година, врз основа на кои ќе се формализира процедурата. Истовремено, апелираме до тројцата наши професори, доколку нивните намери се навистина искрени, во насока на задоволување на правдата, да се воздржат од понатамошно штрајкување и притисоци врз надлежните институции со цел процедурата да продолжи да се спроведува во услови коишто ќе дозволат задоволување на интересите на сите засегнати страни“, се наведува во соопштението од Универзитетот, што е прва официјална реакција на оваа високообразовна институција на штрајкот на професорите кој трае веќе 11 дена. Тројцата професори кои се засегнати, Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски, велат дека се работи за уште еден обид за манипулација, затоа што пролонгирањето на рокот по 2 август ќе значи дека постапката почнува од почеток и ќе мора да се распишуваат нови конкурси. „Соопштението на УГД го сметаме за уште еден обид да бидеме изманипулирани и ние и јавноста. Имено, ДПИ наведува дека УГД треба да постапи во рок од 8 дена од добивањето на Решението на ДПИ, и дека УГД треба да ја заврши постапката за наш избор во повисоко звање во законскиот рок - што во нашиот случај е 2-ри август! Со ваквото Решение, Универзитетот тенденциозно не впушта во долг и манипулативен процес, преку злоупотреба и непочитување на Решенијата на ДПИ, да се пролонгира постапката после 2 август, што всушност значи повторно распишување на нови конкурси“, реагираат тројцата професори. Тие потенцираат дека нивниот штрајк не е со цел да се врши притисок врз институциите, туку претставува „искажување на револт на  противуставното, незаконито, самоволно работење на менаџментот на факултетот, со кои се кршат нашите права на професионален и научен развој во кариерата согласно позитивните законски прописи“. „Сосема нејасно е чии интереси на засегнати страни се загрозени со нашето  штрајкување со глад, односно со користењето на ваквото демократско право ние ги штитиме нашите уставно и законски загарантирани права. Го молиме менаџментот на Универзитетот да се произнесе чиј беше интересот да се доведе во прашање нашето работно место и правото на професионален развој во кариерата“, стои во реакцијата на тројцата професори кои го продолжуваат штрајкот со глад, на кој најави дека од утре ќе се приклучи и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).
Слично

Поврзани вести