УНИКА АД Скопје го смени името - од 2 јануари работи како СИГАЛ Иншуренс Груп
Друштвото за осигурување УНИКА АД Скопје официјално го промени својот назив, согласно одлука на надлежните органи и во согласност со важечките законски прописи.
Според објавата на Македонска берза, од 2 јануари 2026 година, новиот целосен назив на компанијата гласи Друштво за осигурување СИГАЛ Иншуренс Груп АД Скопје, додека скратениот назив е СИГАЛ Иншуренс Груп АД Скопје.
Од компанијата информираат дека промената на називот не влијае врз правниот континуитет, ниту врз правата и обврските на друштвото. Работењето продолжува непречено, а сите услуги, контакти и канали за комуникација остануваат непроменети.
Фактор претходно пишуваше дека албански бизнисмен ја купил компанијата.„На ден 17.06.2025 година, настаната е трансакција согласно која се изврши тргување помеѓу UNIQA Osterrich Versicherungen (продавач) и СИГАЛ БИЗНИС ЦЕНТАР (купувач), каде предмет се 90% од акциите на друштвото Сигал Уника Груп Австрија .
Сигал Уника Груп Австрија во Северна Македонија директно е сопственик и е активна преку две друштва за осигурување и тоа: • УНИКА АД Скопје, друштво за неживотно осигурување, со седиште во Скопје на бул. Илинден бр.1 и ЕМБС 5896100 и • УНИКА ЛАЈФ АД Скопје друштво за животно осигурување, со седиште во Скопје на бул. Илинден бр.1 и ЕМБС 6712339 .
Со настанувањето на горенаведената трансакција (по претходна добиена согласност од надлежните регулатори), друштвото СИГАЛ БИЗНИС ЦЕНТАР од Р. Албанија се стекна со индиректна сопственост на 90% од акциите на Друштвото за осигурување УНИКА АД Скопје и Друштвото за животно осигурување УНИКА ЛАЈФ АД Скопје“, извести тогаш КХВ.
