Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Унгарскиот кредит“ што го зема државата ги намали приходите и добивката на Развојна банка

„Унгарскиот кредит“ што го зема државата ги намали приходите и добивката на Развојна банка

Развојна банка, државната банка за кредитирање на бизнисот, остварила помали приходи од камата и помала добивка во 2025 поради пласирањето на средствата од таканаречениот „Унгарски кредит“ кое што започна на почетокот од минатата година.

Во извештајот за работењето на Развојна банка за 2025 пишува дека од Кредитната линија за инвестиции и развој, односно од „Унгарскиот кредит“, во стопанството се пласирани 218 милиони евра во текот на ланската година.

Активата за кредитирање на Развојна банка пораснала рапидно со средствата од Унгарија, но и покрај тоа не биле подобрени резултатите, најмногу поради малата камата која за возврат се барала од стопанството.

„Вкупната нето-билансна сума со 31.12.2025 година изнесува 31.299 милиони денари (509 милиони евра), при што во структурата на активата доминантно учество од 92 отсто имаат кредитните активности. Порастот на активата од 68% и на нето-кредитите од 64% се должи пред сè на пласирањето на средствата од кредитната линија за инвестиции и развој. Постојното ниво на парични средства и еквиваленти и понатаму ги задоволува регулаторните и интерните показатели на ликвидноста“, објави Развојна банка.

Сепак, цената за да им се учини на компаниите со парите кои ќе ги враќаат даночните обврзници е пад на добивката од 2,5 милиони евра во 2024 на само 1,1 милиони евра за 2025. Приходи од камата се намалиле на годишно ниво од безмалку 8 милиони евра на нешто повеќе од 7 милиони евра и покрај тоа што банката имала повеќе пари за кредитирање.

„Во 2025 година, РБСМ оствари позитивен финансиски резултат во износ од 66 милиони денари. Разликата во однос на претходната година се должи пред сè од специфичната каматна политика за кредитната линија за инвестиции и развој, обезбедена со средства од Буџетот на државата како и исправката на вредност на финансиски средства на нетооснова“, признава банката во извештајот.

Во 2025 година РБСМ започна со реализација на кредитната линија за финансирање на инвестиции и развој на приватните трговски друштва. Средствата се обезбедени од Буџетот на РСМ во денарска противредност на 250 милиони евра. Износот на поединечен кредит кон крајните корисници е до 10 милиони евра и со рок на отплата до 15 години, со вклучен грејс период до 3 години. Кредитната линија се реализира преку приватните банки, а се пласира до крајните корисници по исклучително поволни услови, при што каматната стапка изнесува 1,95 отсто годишно. 

„Заклучно со 31.12.2025 година, РБСМ учествува со 3,4 отсто во вкупната актива на банкарскиот систем (2,3 проценти на 31.12.2024 година), што ја прави осма банка според големината на активата. Воедно, 10,8 отсто од вкупните кредити (7,7% на 31.12.2024 година) кои деловните банки ги пласирале кон нефинансиските друштва (корпоративен сектор) се пласирани со средства од РБСМ“, заклучува Развојна банка.

А.К.






Слично

Поврзани вести