Унгарија ќе свика референдум за бегалските квоти
Унгарската влада ќе свика референдум на кој граѓаните ќе одредат дали земјата ќе прифати мигранти по принципот на квоти . Ова го изјави премиерот Виктор Орбан.
„Владата одлучи да свика референдум за задолжителна распределба по принципот на квоти“, изјави Орбан пред новинарите во унгарската престолнина, без да го прецизира датумот на референдумот.
Прашањето ќе биде „Сакате ли ЕУ да воведе задолжително преместување на луѓе без унгарско државјанство во Унгарија без согласност на унгарскиот парламент?“.
„Не можеме да наметнуваме на луѓето решенија кои сериозно го менуваат нивниот живот и животот на идните генерации. Квотите ќе го сменат културниот и верскиот идентитет на Европа. Ниту Брисел, ниту која и да е европска власт има право на тоа“, го бранеше референдумот Орбан.
Во септември Орбан гласаше против планот земјите во ЕУ да распределуваат меѓу себе 160 000 мигранти на принцип на квоти .
Ипокрај несогласувањето на Орбан планот беше усвоен.
Во декември Унгарија и Словачка поднесоа тужба во Европскиот суд во Стразбур против задолжителните квоти.
Според планот, Унгарија треба да прифати 2300 мигранти.
Во моментов во Виена се одржува и средба, во која учествуваат министрите за надворешни работи на Австрија, земјите од Вишеградската четворка (Унгарија, Словачка, Полска, Чешка), како и оние од Балканскиот Полуостров, со исклучок на Грција.
Темата во Виена исто е миграцискиот тек, како Австрија и В-4 се договараат со балканските земји за евентуални нови мерки по нивните граници.
