УНГАРИЈА ДЕНОВИВЕ Е ТОП ТЕМА: Што извезуваме, а што увезуваме од оваа земја?
Унгарија деновиве е топ тема во медиумите откако по 16 години власт, Виктор Орбан ги загуби изборите од својот противник Петер Маѓар. Ако ги погледеме податоците за увоз и извоз меѓу нашата земја и Унгарија, тие покажуваат шареноликост. Широк е спектарот на стоки кои Македонија ги извезува и увезува од Унгарија.

Maкедонскиот извоз во Унгарија лани чинел 363.224.225 евра, покажуваат податоците за Државниот завод за статистика(ДЗС). Увозот од оваа земја во 2025 година бил во вредност од 213.762.613 евра.
Лани Македонија во Унгарија извезла храна и живи животни за сума од 8.636.487 евра, пијалаци и тутун за 2.274.771 евро, суровини кои чинеле 7.166 евра, минерални горива, мазива и сродни производи вредни 1.679.630 евра, хемиски и сродни производи за сума од 3.854.955 евра, производи класирани според материјалот вредни 14.321.678 евра. Понатаму, извезени се машини и транспортни уреди во вредност од 304.084.322 евра, разни готови производи кои чинеле 28.363.367 евра, како и други стоки во вредност од 1.850 евра.
Од Унгарија сме увезле храна и живи животни за сума од 22.823.999 евра. Понатаму, вредноста на увезените пијалаци и тутун била 3.002.028 евра. Македонија од Унгарија увезла суровини кои чинеле 905.571 евро. Увезени се минерални горива, мазива и сродни производи кои вределе 26.173.608 евра. Во категоријата животински и растителни масла, масти и восоци сумата за увозот била 124.622 евра. Од Унгарија во Македонија лани се увезени хемиски и сродни производи во вредност од 18.265.004 евра. Во категоријата производи класирани според материјалот стои дека вредноста на увезената стока била 72.595.505 евра. Од Унгарија лани се увезени машини и транспортни уреди вредни 60.463.609 евра. Увезени се и разни готови производи вредни 9.408.667 евра.
„Од Унгарија имаме семиња во продажба. Се работи за семенски материјал за пиперки. Унгарија е позната по квалитетни семиња“, велат од струмичка земјоделска аптека.
Инаку, македонската и унгарската власт имаа средба во март во Будимпешта за продлабочување на економската соработка, привлекување нови инвестиции, зголемување на трговската размена, инфраструктурни и енергетски проекти.
Сања Атанасовска