Унгарци регистрираа фирма за гасна централа во Македонија
Како што беше претходно најавено, изминатата недела е регистрирана фирмата Статус Енерџи Скопје, која во иднина е предвидено да изгради гасна централа за производство на електрична енергија во Македонија.
Компанијата посредно оснoвана од унгарскиот МОЛ сака да гради моќна гасна централа во Македoнија со која ќе произведува големо количество на електрична енергија. Во прифатениот план за изградба на енергетски објекти во 2026 меѓу сите фотоцентрали и ветерни паркови, чиј почеток на инвестициска реализација е најавен кај македонските власти, има и една когенеративна централа со капацитет од огромни 495 мегавати. Инвестицијата што се најавувава е проценета на 445.500.000 евра. За споредба, ќе биде многу поголема од таа на ТЕ-ТО, сопственикот на единствената поголема гасна централа во Скопје, која произведува струја и топлина од руски гас.
Основачи на Статус Енерџи Скопје се две фирми со иста адреса од Будимпешта - Статус Енерги Магангтокеалап и Статус Енерги Корлатолт Фелелоссегу Тарсасаг. За управител е назначен Томас Немет од Унгарија.
Фирмата досега не беше официјално регистрирана во земјата, но беше најавена како „Статус Енерџи ДОО Скопје“ и таа ќе гради во вардарскиот регион. Неофицијано, основачите се поврзани со швајцарската „MET Group“, инаку корпорација која врти десетици милијарди евра годишно главно во Источна Европа..Најавата во енергетскиот план, значи и тоа дека ќе биде потребна банкарска гаранција заради сериозноста на инвестицијата. Во проектот најавена е гасна турбина од 340 мегавати и парна турбина од 155 мегавати.
„МЕТ Енерги“ како фирма веќе е регистрирана во Македонија во ноември 2024 со седиште во деловниот центар Соравиа со 100.000 евра влог.. Сопственик е „МЕТ Салес анд Традинг Холдинг“ од Швајцарија со дејност трговија со електрична енергија. Запишани биле тројца директори - Далибор Стојевски кој претхдно бил комерцијален директор на ТЕ-ТО, како и еден бугарски и еден швајцарски државјанин. МЕТ Енерги ДООЕЛ од 12 мај 2025 година поседува лиценца за трговија со природен гас издадена од Регулаторната комисија за енергетика.
Во последната деценија MET Holding стана еден од најголемите играчи на пазарот на гас во Централна и Источна Европа. МЕТ е основана во 2007 година од унгарската државна корпорација за гас „МОЛ“. Тогаш во медиумите се појавија обвинувања дека унгарскиот премиер во заминување Виктор Орбан стои лично зад развојот на МЕТ, користејќи раководни лица за пренос на целиот бизнис со гас од државната МОЛ на новата приватна компанија која во меѓувреме презеде удел. Во 2013 година е основана МЕТ Холдинг во Швајцарија, која е во стопроцентна сопственост на унгарскиот МЕТ.
MET Group од минатиот ноември е нов учесник на домашната берза на електрична енергија, МЕМО, во Македонија. Компанијата е присутна во 21 држава преку свои подружници, учествува на 33 национални пазари на природен гас, и оперира на 44 меѓународни трговски пазари.
А.К.