УЛОГАТА НА ФИСКАЛНАТА ПОЛИТИКА ВО ПОТТИКНУВАЊЕ НА РАСТОТ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА
Фискалната политика има значајна улога во поттикнување на економскиот раст преку владината потрошувачка, буџетските трансфери, оданочувањето и јавните инвестиции.
Владината потрошувачка има директно влијание врзекономската активностпрекустимулирање на агрегатната побарувачка, особено во услови на рецесија и економска стагнација. Таа примарно е насочена кон обезбедување на јавни услуги (како образование и здравство) и спроведување на социјални програми.
Образованието и здравството го детерминираат капацитетот на работната сила и нивото на човечки капитал (знаења, вештини и квалификации), додека социјалните програми имаат за цел обезбедување на социјално одржлив општествен систем, поголема еднаквост во распределбата на националниот доход и намалување на сиромаштијата.
Истовремено, фискалната политика преку субвенции, економски мерки и буџетските трансфери кон приватниот сектор влијание врз долгорочниот развоен потенцијал на земјата, особено прекупрограми кои ги поттикнуваат инвестициите и иновациите, го зголемуваат производниот капацитет и нивото на ефикасност на економијата, и креираат нови работни места.
Од друга страна, јавните инвестиции во инфраструктура (патна, железничка, енергетска и дигитална) се важни за градење на конкурентна економија и подобрување на условите за живеење на граѓаните.
Наспроти позитивната улога на фискалната политика во стимулирање на економскиот раст, одржувањето на висок буџетски дефицит и високо ниво на јавен долг може значително да го ограничи фискалниот простор, да ги зголеми трошоците за позајмување на државата, и да влијае негативно врз долгорочната фискална и економска стабилност. Тоа секако има негативно влијание врз економскиот раст на земјата, особено на среден и долг рок.
Оттука, клучното прашање што се наметнува е: какви се вкупните ефекти од фискалната политика врз поттикнувањето на економскиот раст?Одговорот на ова прашање во голема мера е детерминиран од неколку меѓусебно поврзани фактори:
1) Структурата и ефикасноста на владината потрошувачка;
2) Владините програми и нивната поврзаност со структурни реформи;
3) Нивото на задолженост и пристапот/условите за финансирање на државата.
Ако јаанализираме структурата на БДП и изворите на растот на македонската економија може да констатираме дека релативното учество на владината потрошувачка во БДП во периодот 2015-2024 година изнесува 14%, додека релативниот придонесна владината потрошувачка во економскиот раст во анализираниот период изнесува околу 4%.
Дополнително, преку буџетските трансфери (како пензии и социјални трансфери) државата влијае врз финалната потрошувачка на домаќинствата, и врз економскиот раст на земјата. Имено, финалната потрошувачка на домаќинствата има доминантно учество во БДП од 75%, и воедно најголем релативен придонесво растот на економијата од 106%. Ова секако на сметка на значително негативен придонес на нето-извозот и хроничен раст на трговскиот дефицит.

Структурата на БДП и изворите на растотјасно го отсликуваат постојниот модел на раст на македонската економија, кој во основа се темели на стимулирање на финалната потрошувачка, при што еден дел од финалната потрошувачка се финансира преку задолжување на домаќинствата идржавата.
Ефикасноста на владината потрошувачка тешко може да се квантифицира и соодветно процени, но потребно е Владата да продолжи да работи во насока на подобрување на квалитетот на јавните услуги и зголемување на ефикасноста на владината потрошувачка.
Кога зборуваме за квалитетот на владините економски политики и програми во контекст на поттикнување на растот, пред сè, мислиме на субвенциите што државата ги обезбедува кон конкретни сектори како што е земјоделието, јавните инвестиции во инфраструктура, како и на програмите за поддршка на приватниот секторсо цел поттикнување на инвестициите, иновациите и конкурентноста на економијата.
Субвенциите кон земјоделието како финансиска поддршка на државата кон земјоделскиот сектор има економска и социјална компонента. Од една страна, субвенциите служат за поддршка на доходот на земјоделците и ублажување на пазарните ризици, но многу повеќе, истите треба да бидат во функција на развој и модернизација на овој стратешки сектор.
Подолу во табелата е презентирана квантитативна анализа за перформансите на земјоделскиот сектор базирана на неколку значајни индикатори за периодот 2015-2024 година.

Анализата погоре укажува дека бруто-додадената вредност по вработен во овој сектор, како најсинтетички показател за продуктивноста, како и извозот на примарно земјоделски производи, како мерило за конкурентноста, бележат позитивни тенденции.
Имено, нивото на продуктивност, мерено преку бруто-додадената вредност по вработен(официјално вработени, работодавачи, самовработени и неплатени семејни работници) бележи просечна годишна стапка на раст од околу 9%, додека вредноста на извозот на земјоделски производибележи просечна годишна стапка на раст од 5%во анализираниот период, достигнувајќи вредност од 332 милиони евра во 2024 година. Уште поважно, земјоделскиот сектор бележи континуиран трговски суфицит во целиот анализиран период, достигнувајќи позитивен нето-извоз од речиси 155 милиони евра во 2024 година.
Сепак, треба да потенцираме дека растечкиот тренд на субвенции во земјоделството во изминатите 10 години не придонесе во голема мера кон зголемување на домашното растително и сточарско производство, мерено преку бруто-додадената вредност по базични цени како индикатор за физичкиот обем на производството.
Имено, износот на субвенции (програми за финансиска поддршка на растително и сточарско производство, интервенции и државна помош, програми за поддршка на руралниот развој, програми за поддршка на рибарство и аквакултура, ИПАРД програма) во анализираниот период бележи просечна стапка на раст од 3% (од 124 милиони евра во 2015 година на 141 милиони евра во 2024 година), додека бруто-додадената вредност по базични цени бележи негативна просечна стапка на раст од -2.9%.
Една од клучните причини за ваквиот неповолен тренд е фактот што постоечкиот систем на субвенции не ги стимулира доволно инвестициите во нови технологии, модернизација и иновации во земјоделскиот сектор, туку во голема мера е ориентиран кон квантитативни критериуми, како што се број на хектари и број на грла.
Оттука, аграрните политики во наредниот период треба да имаат поголема економска и развојна, а помала социјална компонента. Во таа насока, потребно е да се мапираат земјоделски гранки со најголеми развојни потенцијали и преку еден модифициран систем на државна поддршка да се стимулираат инвестициите во нови технологии на производство, окрупнување на земјоделското земјиште, како и здружување и поголема едукација на земјоделците.
Истовремено, треба да се вложат дополнителни напори за поголемо поврзување помеѓу примарно земјоделскиот сектор и прехранбената индустрија со цел градење на конкурентски предности во производство на прехранбени производи со поголема додадена вредност. Тоа ќе придонесе за супституција на дел од увозот на храна т.е. намалување на зависноста на земјата од увоз на храна и намалување на трговскиот дефицит.
Другиот важен инструмент на фискалната политика се јавните инвестиции. Имено, јавните инвестиции имаат за цел да ги подобрат условите за живеење на граѓаните, да го зголемат квалитетот на јавните услуги, и најважно, да креираат поволни услови за бизнис секторот и идниот развој на економијата.
Во продолжение се илустрирани трендовите на реализирани капитални расходи и вкупни јавни инвестиции во периодот 2015-2024 година.

Податоците укажуваат дека капиталните расходи, како процент од вкупните буџетски расходи, со исклучок на неколку години, се движат под ниво од 10%, при штово поголем дел од анализираниот период тие се пониски од буџетскиот дефицит. Ваквата реализација на капиталните расходи во изминатите 10 години е на значително пониско ниво од она што е потребно за да се забрза развојната динамика и да се почуствуваат посериозни ефекти во економијата.
Дополнително, проценките за влијанието на јавните инвестиции врз растот на економијата во изминатите 10 години покажуваат дека релативното учество на вкупните јавни инвестиции во БДП се движи околу 5%, додека релативниот придонес на вкупните јавни инвестиции во растот на македонската економија во периодот 2015-2024 година е под 10%.
Оттука, неопходно е да се работи поинтензивно на институционално јакнење на капацитети за планирање и реализација на капитални инвестиции, со посебен фокус на структурата на капиталните инвестиции. Најавите на Владата за нови инвестиции во патната, енергетската и железничката инфраструктура ќе придонесат кон зголемување на развојните капацитети на земјата.
Истовремено, потребно е да се размисли за редизајнирање на политиките за привлекување на странски инвестиции, бидејќи постоечкиот модел се соочува со одредени слабости кои произлегуваат од фактот што извозот на странските компании во земјата има релативно ниска домашна додадена вредност т.е. висока увозна компонента. Тоа е една од главните причини зошто извозот од ТИР зоните не придонесува значително во забрзување на растот на економијата.
За илустрација, во услови кога речиси половина од вкупниот извоз го генерираат странските извозни компании, земјата се наоѓа во групата на земји во регионот со најголемо негативно учество на нето-извозот во БДП. Дополнително, македонскиот извоз беше најсилно погоден од Ковид-19 кризата и од кризата во автомобилската индустрија последните неколку години. Ова во голема мера се должи на високата извозна концентрација на нашиот извоз во неколку земји и сектори, што ја зголемува ранливоста на извозниот сектор на надворешни шокови и ја ограничува можноста за позначителен прогрес на надворешно-трговскиот сектор.

Поради ова, потребно е да се размисли за модифицирање на постојниот пристап со поголем фокус кон привлекување на странски директни инвестиции кои ќе бидат поинтензивно поврзани со домашната економија, какои креирање настратегија за извозна промоција на домашните извозно-ориентирани компании со цел извозна диверзификација и структурна трансформација на македонскиот извоз. Тоа секако ќе придонесе за поголеми ефекти од државната помош за странските инвеститори во контекст на националната економија, но истовремено ќе придонесе и за пренасочување на вниманието кон домашните извозни компании.
Дополнително, поддршката што државата ја обезбедува за приватни претпријатија доминантно преку законот за финансиска поддршка на инвестициите и програмата за поволни кредити за инвестиции на приватниот сектор преку унгарската кредитна линија, се добар начин за стимулирање на приватниот сектор и поддршка на нивните напори за технолошка модернизација и зголемување на конкурентноста.
Истовремено, потребно е поголемо внимание да се насочен кон поддршка наинвестициите во опрема, машини и нови технологии како клучни за раст на продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, но и кон поголема поддршка на производните и извозно ориентираните компании од сектори и индустрии со најголеми развојни потенцијали.
Конечно, политиките за поттикнување на иновациите треба да бидат значајна компонента на владините економски политики. Новооснованата Агенција ИНОВА треба да прерасне во главен катализатор на промените во областа на иновациите и технолошкиот развој.
Оваа институцијатреба да креира платформа за соработка на сите чинители во иновацискиот еко-систем преку таргетирани и добро дизајнирани програми и инструменти со цел етаблирање на научно-технолошки паркови и иновациски старт ап центри кои ќе бидатмеѓусебно поврзани со државните универзитети, со индустријата и со бизнис секторот.
Овде секако значајна улога има и Министерството за образование и наука како клучна институција за имплементација на стратегијата за паметна специјализација, и институција која преку соодветно дизајнирани структурни реформи треба да го унапредат квалитетот на образованието и да обезбеди човечки ресурси за потребите на бизнисот.
На крај, не помалку важно прашање кога ја анализираме улогата на фискалната политика во контекст на економскиот раст, е нивото на задолженост и условите за финансирање на владината потрошувачка, како и нивното влијание врз долгорочните економски перспективи на земјата.

Нивото на јавен долг бележи тенденција на зголемување од 4.2 милијарди евра во 2015 година на 9.6 милијарди во 2024 година, што имплицира просечна годишна стапка на раст од 9.5%,во анализираниот период. Гледано како процент од БДП, јавниот долг бележи кумулативно зголемување за речиси 15 процентни поени во истиот период (од 46.6% во 2015 година на 61.4% во 2024 година). Најголем раст на јавниот долг од речиси 1 милијардна евра се забележува во 2020 година како резултат на Ковид-19 кризата и релативно лошото справување со кризата, при што, истовремено падот на БДП истата година придонесе за раст на јавниот долг како процент од БДП за повеќе од 10 процентни поени.
Трошоците поврзани со каматните плаќања за сервисирање на внатрешниот и надворешниот долг на државата надминаа 5% од вкупните буџетски расходи или над 42% од буџетскиот дефицит во 2024 година. Тоа секако може да биде дополнително ограничување за идниот развој на економијата.
Затоа, потребно е да бидеме многу внимателни во управувањето со јавниот долг со цел обезбедување на фискалната консолидација и одржливост на јавните финансии. Тоа може да го постигнеме сопоголема рационализација на буџетските трошења и зајакнување на капацитетите на даночната администрација.
Сите погоре адресирани прашања се предизвицисо кои креаторите на економски политики ќе се соочат во наредниот период, но истовремено, се прашања кои преку еден научно базиран и објективно заснован пристап ќе ги разгледува и анализира Фискалниот совет како независно тело чија основна задача е да ја следи ефикасноста и одржливоста на фискалната политика.
Проф. д-р Дарко Лазаров, член на Фискален совет
*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор