Украина: Терористички напад на гасоводот?
Силна експлозија се случи денеска на гасоводот во Украина каде рускиот гас се доставува до европските клиенти. Украина се сомнева дека станува збор за „терористички напад“.
„Ова не е прв обид за терористички напад на украинскиот систем за транспорт на гасот“, се наведува во соопштение на украинското министерство за енергетика и се потсетува на двете експлозии на гасоводот во западниот дел на земјата кои се случија во мај, пренесува Ројтерс.
Гасоводот Уренгој-Помари-Ужород, познат како Транс-сибериски гасовод, е оштетен во областа Полтава, соопштува локалната полиција во Украина, додавајќи дека, според информациите со кои располага, никој не е повреден во инцидентот, наведува АФП.
Руската агенција Итар-Тасс наведува дека експлозијата се случила во попладневните часови и дека напорите на пожарникарите на огнот продолжуваат.
Очевидци говорат дека пламенот после експлозијата се дигнал во висина од 200 метри, јавува Гласот на Русија.
Британската агенција пак ја пренесува изјавата на неименуван официјален претставник од рускиот гасен гигант Гаспром, дека експлозијата на еден од транзитните гасоводи во централна Украина не ги прекинала испораките на рускиот гас кон Европа, бидејќи гасот тече паралелно со гасоводот.
