Економија, финансии, бизнис

Контакт

Украина или изборите: Што го “креираше“ повикот за нова средба кај Нимиц?

Украина или изборите: Што го “креираше“ повикот за нова средба кај Нимиц?
Што се крие зад ургентниот состанок на медијаторот Метју Нимиц и преговарачите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис закажан за денеска во Њујорк во време кога во Македонија стартува кампања за двојните избори што се на програма идниот месец. А, по нив, и во Грција ќе има гласање – за локалните власти, но и за европскиот Парламент во мај. Дали ситуацијата во Украина која перманентно се влошува и има потенцијал да ескалира претварајќи се во нешто што може да предизвика несогледливи последици во светски рамки е иницијалната каписла за експресно свиканата нова рунда разговори за името? Анексијата на Крим, превирањата во неколку други украински региони ја врати политичката ситуација во Европа, меѓу САД и Русија како во времето на Студената војна. И сигурно е дека драматично ги менува приликите. Нема сомнеж дека НАТО ќе се обиде да го задржи своето влијание така што ќе направи неколку брзи чекори во насока на стабилизација на јужното и југоисточното крило, а истовремено да направи превенција и за Молдавија и за Грузија, вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски. Тука некаде е и Македонија која одамна чека пред портите на Алијансата. Токму затоа, според Никовски, можно во овој период да се засили притисокот врз нас со цел што е можно поскоро да се затвори прашањето за името. И, затоа смета тој, потребна ни е мудра политика со која треба да се обидеме да влеземе во НАТО  со привремената референца. Сепак повикот на Нимиц во предизборен период да свика разговори за името е преседан кој може да се каже дека ги изненади и двете страни. Со оглед дека досега важеше непишаното правило – да нема разговори кога некоја или двете страни се во предизборие. Прашањата што веројатно се вртат во главите на многумина и во Македонија и во Грција е – дали Нимиц има нешто во својата папка што може да направи драматичен пресврт во дведеценискиот спор, можеби да го подготви теренот за посодржински разговори или, пак едноставно сака да покаже дека процесот не е мртов. Но, и да предупреди тој да не биде предмет на политички злоупотреби. Без преголеми очекувања Проценките на грчките аналитичари се дека не треба да се има преголеми очекувања од денешната њујоршка средба. Во следните два месеца некакво динамизирање на процесот е речиси исклучено. Но, такво нешто е можно на почетокот на летото и особено по летните одмори. Кога би требало да се очекува една посилна дипломатска офанзива во пресрет на септемврискиот самит на НАТО што треба да се одржи во Кардиф, Велика Британија. На кој, поради актуелната ситуација, проширувањето повторно би требало да се врати високо на агендата. Оттаму, како што пишуваат медиумите во Атина, оваа рунда разговори Нимиц ќе ја искористи да испрати порака до политичките елити и во Македонија и во Грција – да не ги креваат тензиите по ова прашање за да не дојде до затегнување на односите меѓу двете земји. Да внимаваат како го употребуваат прашањето за името во предизборните кампањи – и да се воздржат од тешки зборови и квалификации, кои би можеле да ги уништат и оние минимални надежи за скоро решение. Со други зборови тоа практично, би било создавање еден вид простор кој би обезбедил , кажано со спортски речник, домаќински терен за решавање на спорот. Што би донела евентуалната кохабитација во Македонија Без оглед на тоа дали очекувањата од средбата се движат од минимални до посериозни за прогрес во спорот,  и кој е мотивот за нејзиното свикување воопшто, се проценува дека е добро што до неа доаѓа. Ако ништо друго таа може да биде искористена, за да се определи преговарачката рамка во постизборниот период. За кога и се претпоставува дека може да дојде до вистинските преговори. Иако не треба да се има илузии ако се земе предвид досегашниот тек на спорот.
“Новата рунда на преговори за името не верувам дека ќе донесе ништо ново, а уште помалку сум убеден дека таа е свикана како резултат на случувњата во Украина. Мислам дека се работи за рутинска средба после подолг период на немање на ваква средба“, вели за Фактор универзитетскиот професор Јове Кекеновски.
Тој не мисли дека во овој момент некој нешто може ново да предложи или пак да даде согласност за ново име од причина што кај нас се во тек претседателските и парламентарните избори. И, динамиката на преговорите во иднина ќе зависи од резултатот на изборите.
„По завршување на изборите можно е да имаме неколку ситуации. Прво, доколу ВМРО ДПМНЕ однесе двојна победа тогаш пак ќе бидеме сведоци на истата ситуација како и досега. Второ, доколку СДСМ однесе двојна победа тогаш ќе имаме уште полоша ситуација поради фактот дека тие ќе бараат начин да го променат името, а опозицијата можно е да се радикализира. И трето, доколку се случи да имаме кохабитација тука ситуацијата ќе биде драстично променета. Во една таква претпоставена постизборна ситуација шансите за решавање на спорот со името се 50-50. Од една страна можно е притисокот на меѓународната заедница да се зголеми и притоа да имаме и институционален и политички притисок и одвнатре и до крајот на годината да биде решен спорот со името, но од друга страна можно е кохабитацијата воопшто да не профункционира и пак за кратко време да имаме нови вонредни избори, а на решавање на спорот да чекаме во некое друго идно време, смета Кекеновски.
Кусото соопштение од канцеларијата на Нимиц, новата рунда ја објаснува како продолжение на разговорите за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за името. Вообичаено, медијаторот најпрвин ќе има одвоени, а потоа и заедничка средба со двајцата преговарачи. Последната посета на Нимиц на Скопје беше во септември лани, кога медијаторот нагласи дека разликата меѓу Атина и Скопје е во позицијата и опсегот на употреба на географската одредница. Што од некои беше протолкувано дека двете страни влегле во посуштински преговори. Пред десетина дена и од американскиот Стејт департмент порачаа дека проширувањето на НАТО може да биде ставено на дневниот ред на септемврискиот самит во Британија, и ги повикаа Македонија и Грција до тогаш да најдат решение за името. Ф.З.
Слично

Поврзани вести