Украина го менува дизајнот на банкнотите: Не сакаат на парите да има „руска“ сенка
Народната банка на Украина објави промени во дизајнот на новата банкнота од 2.000 гривни по јавните критики дека натписот на банкнотата премногу потсетува на типографија од руско потекло.
Новата банкнота треба да биде посветена на украинскиот поет Васил Стус, еден од најпознатите украински дисиденти од советскиот период, кој почина во 1985 година во советски затвор, објавува „Киев Индепендент“.
Контроверзноста ја започнаа професионални дизајнери кои проценија дека употребената форма на кириличното писмо наликува на неофицијална адаптација на фонт од руско потекло.
Поради симболичното значење на ликот на кого е посветена банкнотата, критиките предизвикаа силна реакција на јавноста.Гувернерот на Народната банка на Украина, Андриј Пишни, изјави дека „не смее да има никаква руска сенка“ на банкнотата со ликот на Стус, нагласувајќи дека прашањето за дизајнот станало прашање на национални вредности, а не само на естетика.
Банката ги отфрли тврдењата дека е користен неовластен руски фонт, наведувајќи дека дизајнот на банкнотата е направен во заштитена софтверска средина што спречува употреба на надворешни фонтови.
Новиот дизајн ќе ја користи официјалната кирилица верзија на фонтот „Bickham Script“, без дополнителни промени, а промената нема да го одложи издавањето на банкнотата.
Банкнотата од 2.000 гривни треба да влезе во оптек на 4 септември.
foto printskrin
