Украина бара членство во ЕУ, па преговори, а Унијата не сака Орбан2.0
Американците и Израелците продолжуваат со „Големата воена операција“ во Иран, која очигледно нема да заврши за кратко време. Тоа го очекуваше американскиот претседател, Доналд Трамп, но погрешно пресметал. Сега тој е исправен пред предизвикот да праќа копнени сили во војната. Па и САД да заглават таму, во Иран, како Русите во Украина. Не му е сеедно за развојот на ситуацијата и на израелскиот премиер, Бењамин Нетанјаху. Страдаат и неговите сограѓани во Израел. И Трамп и Нетанјаху, како да не очекуваат така силен отпор од Иранците. И не само отпор. И тактика, која ја покажува стратегијата на иранското воено-политичко водство. Да страдаат во војната и соседните земји од Заливот, преку бомбардирање на американските инсталации кај нив, што како последица може да предизвика голема воена и економска криза не само во тој дел од светот, туку многу пошироко. Работите ќе стануваат појасни наредниве денови.
Агресијата врз Иран ја тргна Украина од насловните страници. Па така некако не многу гласно во медиумите помина средбата во Брисел во средата. На неа на Украина и беше откажано забрзаното влегување во ЕУ. Она што го бараше претседателот на Украина, Владимир Зеленски. Таа да стане членка на Унијата во 2027 година. Во изминатиот месец тоа на Зеленски му беше соопштувано јавно и од страна на германскиот канцелар, Фридрих Мерц и од првиот човек на ЕУ, Урсула фон дер Лајен. Но сега тоа се потврди. Зеленски бараше гаранции за членство за 2027 година. Тоа беше ставено и во мировниот план на Трамп за ставање крај на војната во Украина.
Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, исто така, зборуваше за перспективата на Украина да се приклучи на Европската Унија и ги повика европските држави да го поддржат Киев на овој пат. Тој уверува дека членството во ЕУ веројатно ќе стане „најважната безбедносна гаранција за Украина“. Но, во исто време, нагласува дека украинската страна ќе мора да го почитува „утврдениот редослед“ и да ги исполни таканаречените Копенхашки критериуми - усвоени во 1993 година, клучен услов за кандидатите за членство во ЕУ. „Сакаме што е можно побрзо вклучување“, вели шефот на германското Министерство за надворешни работи, посочувајќи дека германската влада ја повикува Украина да ги забрза реформите и дека ќе се стреми да ја одржи отвореноста кон нејзиното членство во ЕУ.
Значи Европа е јасна. Ред и поредок. Нема брзање во примањето во членство во ЕУ. Односот на Европа кон Украина во поглед на членството може да се толкува и како одговор кон Вашингтон. Демек, кој е тој што ќе кажува, кој може и кога да стане член на Унијата. Но каква ќе биде реалноста ќе може да се види кога на дневен ред ќе биде ставен мировниот договор. Иако, Европа сега е засилена, па дури, Фридрих Мерц, се заканува дека нема да го признае евентуалниот договор за мир постигнат со посредство на САД. Тој бара учество и на Европа во него. Но не е само ставот на САД кон членството на Украина во ЕУ, моментот кој доведе до отфрлање на желбата на Зеленски. Тука се и земјите од Западен Балкан, од кои некои одамна се во предворјето на ЕУ. Други , пак, иако водат преговори и очекуваат членство до 2030 година, Албанија и Црна Гора, се чини ќе бидат ставени на стенд-бај. Едноставно, некои држави, Франција, на пример, не сакаат нови членки во ЕУ. Па нека биде и св. Украина, и св. балкански држави. Не сакаат барем во наредните десетина години. Или, пак, ќе ги приклучат во некоја разводенета форма, но без вистинско членство.
ПРОБЛЕМИ СО ВЕТОТО
Пред две недели, комесарката за проширување во ЕУ, Марта Кос, даде обемно интервју за украински медиум. Насловот беше „Не ни треба Орбан(Виктор Орбан, унгарскиот премиер) да ги дефинира условите за членство во ЕУ“. Веќе од него може да се заклучи на што ќе оди Унијата во намерата да се прошири со нови членови. Но тоа ќе биде тешка работа. Да го укинеш правото на вето на држави, кои ти велат дека избегале од прегратките на Советскиот Сојуз за да не се повтори такво нешто, нема да оди лесно. Унијата подготвува нови правила за членство. Тие се очекуваат за некој месец. Најверојатно во мај. Но сепак ова треба да се прими со резерва, бидејќи работите се менуваат од ден на ден, од месец во месец. А и во самата Унија нема некое големо единство.
Според Кос, Европската Унија во моментов применува методологија за проширување која е создадена за свет кој повеќе не постои. „Таа е создадена за мирни времиња, кога има многу години за реформи, кога има време целосно да се усогласи законодавството со правото на ЕУ. Но, тоа не е случај денес“. Кос тврди дека живееме во реалност каде што повеќе нема меѓународен поредок, каде што САД, Кина и Русија се водени од логиката на сферите на влијание. „За прв пат се соочивме со фактот дека постојат надворешни противници на проширувањето на ЕУ кои сакаат неуспех и на нашите кандидати (како што е Украина) и неуспех на целата Европска Унија“, вели таа. Оттука и барањето можност за менување на сопствените правила за проширување, методологијата, така што таа ќе одговори на реалните предизвици. Целата дебата сега ќе се префрли меѓу членките на ЕУ, бидејќи таа одлука бара поддршка од сите 27 членки. „Задачата на Европската комисија: да подготви опции, можни сценарија за дејствување. Ние сме во последната фаза од овој развој“, нагласува Кос во интервјуто и додава: „Веќе слушнавме многу идеи од некои европски лидери, но ние подготвуваме наш сопствен проект и ќе треба убедливо да докажеме зошто одредена опција е подобра од другите“. Ова значи во Брисел ќе има уште дебати, што значи и влечкање на носењето на решението.
Во ЕУ очигледно имаат многу проблеми со ветото. Се соочуваат со него, и тоа не само за Украина. Го осетивме и ние. Не е лесно да се договори едногласност меѓу 27-те членки на ЕУ. Затоа, Кос сака да се разговара за тоа како ќе се гласа за приемот на новите членки. Но најавува дискусија и за финансирањето на сите програми на ЕУ. А исто така треба да се договорат и за прашањето на вредностите. Финансирањето ќе крене многу врева. И тоа заедно со приемот на новите членови. Таа нема да биде за малите земји. Главна ќе биде онаа за Украина. Прво како ќе се трошат парите од буџетот на ЕУ за земјоделството. Франција, Шпанија, Италија, Полска..,нема да сакаат дел од „нивните“ пари сега да се прелеваат во Украина, ако таа стане членка на Унијата. Станува збор за голема земја со развиено земјоделство, кое ќе треба да биде богато субвенционирано. Од друга страна на Украина ќе и биде потребна обнова по крајот на војната. Кој ќе ја плати. Нека бидат запленети и руските 200 милијарди во Брисел, тие сепак ќе бидат недоволно пари. Можеби ќе треба членките на ЕУ и нивните приватни инвеститори да се убедуваат дека од обновата и тие ќе имаат полза. Како и да е пари ќе треба да се најдат.
ПРОМЕНИ СЕ ИЛИ УМРИ
Во ЕУ сите се согласни дека, независно дали се зборува за експресно или забрзано членство, полноправно членство ќе може да се добие само ако се спроведат реформите во целост, онака како што се бара од кандидатките членки. Во преговорите само да слушаат и да викаат „да“, а да не се обидуваат да ги менуваат европските правила-закони. Некои да си ги завршат и дополнителните домашни работи. Кос е упорна дека мора нешто да се направи околу членството. Да се понуди нешто ново. Да се размислува надвор од сегашните рамки. Бидејќи во сегашните времиња нема веќе рамки. Не може да се живее како досега. Новиот принцип е „промени се или умри“. Истиот оној на нејзината шефица, фон дер Лајен. Но прашање е кој и колку е подготвен непроменет да умре? Да не замине попрво токму тој принцип.
Интересен е ставот на Кос за тоа дали Украина и Молдавија ќе одат со иста брзина кон членство во ЕУ. Таа тука вели дека, според неа, има четири лидери меѓу кандидатите. И ги додава Албанија и Црна Гора. Дали со новата методологија сите ќе останат заедно ќе одлучат членките на ЕУ. Но, би требало да останат. Фактот дека Албанија и Црна Гора се многу понапред од Украина не значи дека таа не може да ги достигне. Кос е уверена, споредувајќи ја со други земји од Западен Балкан дека тоа е можно. Дотолку повеќе што „имам голема одговорност да се грижам за вас, за мојот кандидат, Украина, мојата земја кандидат, мора да биде подготвена да стане членка“, рече Кос. Не знам дали со вакви емоции истапила кај нас или некоја друга земја кандидат за влез во ЕУ. Но последните нејзини зборови многу говорат за давање предност на Украина.
Емоциите на Кос, веројатно дојдоа од тоа што дента, 24 февруари, таа беше во Киев, на четвртата годишнина од почетокот на војната. За разлика од неа во истиот медиум во кој таа го даде интервјуто беше објавен документ во кој наводно се наведени пообемни барања од Европската Унија, кои опфаќаат три од шесте тематски блокови (преговорни кластери) во кои се поделени преговорите за пристапување на Украина со ЕУ (патем, овие преговори сè уште не се официјално започнати, бидејќи Унгарија го блокира процесот). Европејците ниту јавно ја потврдија ниту ја негираа автентичноста на содржината на овој документ.
Првиот кластер се однесува на продолжување на „сеопфатна реформа на правосудниот систем“, што се подразбира како континуирано реструктуирање на судскиот систем, обвинителските органи и другите агенции за спроведување на законот по европски принципи. Оваа област, исто така, бара зајакнување на „независноста“ на Националното биро за борба против корупцијата, Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата и Високиот суд за борба против корупцијата, кои, од своето основање, украинскиот естаблишмент ги смета за инструменти на западно влијание врз јавната администрација во земјата. Од Украина, исто така, се бара да продолжи со „сеопфатната реформа на Државното биро за истраги“. Ова се однесува на вклучување на „независни експерти предложени од меѓународни партнери“ во оваа реформа. Врз основа на претходно кажано, треба да се објави конкурс за директор на Државното биро за истраги со учество на меѓународни експерти, по примерот на Бирото за економска безбедност. Странците очигледно ќе играат важна улога.
НОВ ОРБАН
Кластерот „Надворешни односи“, мора да ја потврди „посветеноста на Украина кон вредностите на ЕУ“. Од Украина се бара да достави до Европската комисија комплетен список на меѓународни договори со „цел овие договори да се усогласат со нормите на ЕУ од моментот на пристапување“. Понатаму, барањата вклучуваат клаузула за воведување во украинското законодавство, „во согласност со acquis на ЕУ“, спроведување на пресудата на Европскиот суд за човекови права од 1 јуни 2023 година, која ја обврзува Украина да ги признае партнерствата меѓу лица од ист пол.
Иако оваа и неколку други слични клаузули сигурно ќе предизвикаат жестока јавна дебата, клучната точка е несомнено првиот кластер. Исполнувањето на овие барања ефикасно би значело губење на контролата на украинските власти врз системот за спроведување на законот и судовите. Ако кон ова се додаде институцијата „независни членови на надзорни одбори“, што се воведува во државните компании, тогаш клучните сектори на економијата би можеле да бидат отстранети од контрола на владата.
Секако, сите овие барања сега предизвикуваат тивка саботажа од страна на властите, што се манифестира, особено, во одложувањето на законите за реформирање на правозаштитните органи. „Европа го гледа ова и затоа не сака да даде никакви гаранции во врска со пристапувањето на Украина во ЕУ. Прво, не може да има пристапување додека трае војната. Второ, од гледна точка на Европејците, не може да има пристапување сè додека Украина не се обнови според нивниот шаблон и не се воспостави строга контрола врз внатрешните процеси за да се исклучи можноста за појава на нов „Орбан“. Украинската влада се спротивставува на ова, барајќи пристапување во ЕУ „однапред“. Тоа е, „прво пристапување, а потоа реформи“. Но, Брисел, како што напишавме на почетокот, не се согласува со ова, сфаќајќи дека ако Киев добие пристапување, веднаш ќе заборави на реформите. И, како што покажува примерот на Унгарија, европските структури немаат силни лостови да ги принудат непослушните членови да направат нешто. Европа сака целосно рестартирање на украинскиот државен проект. И само после тоа можат да зборуваат за пристапување.
Конечно, од некоја причина, сите забораваат на Соединетите Американски Држави. Трамп може да има сосема поинаква визија за украинскиот државен проект од Европејците. Покрај тоа, тој веќе ги насочи своите погледи кон минералните наоѓалишта на Украина и затоа сигурно ќе сака да влијае на процесите во земјата“, изјавуваат украински дипломатски извори, за порталот „Страна“.
Порталот тврди дека постојат докази дека владата е незадоволна од барањата што се изнесуваат. Дека се одзема суверенитетот на земјата. Украинските бизнис кругови исто така имаат сомнежи. „Под маската на борба против корупцијата и спроведување на европските стандарди, ЕУ се обидува да ги исчисти украинските бизниси. Прво големите бизниси, а потоа и останатите. Ќе ни ги наметнат истите безумни регулаторни и даночни прописи што веќе се во сила во ЕУ и доведоа до економска стагнација во Европа. А за нашите бизниси, ова ќе биде едноставно катастрофално. Мислам дека кога ќе се објави целосниот список на барања за пристапување на Украина во ЕУ, многумина во Украина ќе се прашуваат дали воопшто треба да се приклучиме под овие услови“, изјави еден водечки украински претприемач за „Страна“.
Нас не не’ ни спомнуваат. Ние ќе си тераме по старо. Кој ќе сака странци да му „помагаат“ во избор на судии, обвинители, антикорупционери, членови во УО на јавни претпријатија... Сите најподлежни на корупција. Она што сега се бара од Украина сигурно во најмала рака (ќе) се бара од нашиве. Ама тие не се даваат. Домашната задача ќе ја влечкаат. Не дај боже да почнат преговори за членство.
Мирче Адамчевски
*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор