УКИНУВАЊЕ НА „ТАВАНОТ“ ЗА ПРИДОНЕСИ: Левица предлага законски измени „високите плати повеќе нема да бидат привилегирани“
Се предлага значајна измена во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување со која ќе се укине максималниот праг за пресметка, односно таканаречениот „таван“, со цел да се обезбеди поголема еднаквост меѓу граѓаните и поправична распределба на финансискиот товар. Според важечките законски решенија, придонесите за социјално осигурување се пресметуваат до одреден максимум, кој за вработените изнесува 16 просечни плати, за самовработените 12 просечни плати, додека за одредени категории како корисници на надоместок при невработеност основицата е уште пониска. Тоа значи дека за делот од приходите над овој праг не се плаќаат придонеси, што во пракса создава нееднаквост меѓу граѓаните, се посочува во законското решение доставено во Собранието. Спроед предлагачите, пратениците од редовите на опозициската Левица, со овој закон ќе се овозможи поголема изедначеност меѓу граѓаните. - Заради надминување на нееднаквоста во примената на законот, со кој
во моментов најголемиот финансиски буџетски товар го носат лицата со помали
примања, го предлагаме овој предлог закон со кој граѓани кои остваруваат примања
над моменталниот максимален праг на основица за плаќање на придонеси, ќе
плаќаат на еднаков начин и во ист сооднос како и останатите граѓани, со што ќе се
овозможи еднаквост пред Уставот - се посочува во предлог законот доставен до пратениците. Конкретно, од партијата посочуваат дека според податоците за 2026 година од Управата за јавни приходи, просечната бруто плата изнесува 69.141 денари, што значи дека најниската основица за пресметка на придонеси е 34.570 денари, додека максималната достигнува 1.106.256 денари за вработени и 829.692 денари за самовработени. И покрај тоа, има случаи каде исплатените плати се далеку над овие износи – највисоката регистрирана плата достигнала дури 19.935.728 денари, но придонесите се пресметувале само до законскиот максимум. Ваквата пракса, според предлагачите, доведува до ситуација во која лицата со највисоки примања плаќаат релативно помал дел од својот доход за придонеси, додека најголемиот товар паѓа врз работниците со пониски плати, кои немаат никакво ограничување на основицата. Како пример се наведува дека лице со плата од речиси 20 милиони денари плаќа придонеси само десетина пати повеќе од лице со минимална плата од околу 24.379 денари, иако разликата во приходите е драстично поголема. - Податоците укажуваат дека
моменталниот модел на пресметка и плаќање на придонеси овозможува
нееднаквост, особено со оглед на тоа што во државата мнозинството на работници
земаат нето и бруто плати кои се далеку од максималната основица, но
истовремено го носат и најголемиот товар за плаќање на придонеси од причина
што истите немаат повластици во однос на максимално ограничување на износот
за придонеси. Така на пример лицето кое примило плата 19.935.728 денари
платило само десетина пати поголем износ за придонеси од лице кои примило
минимална плата во износ од 24.379 денари, додека соодносот на финансиските
примања меѓу овие две лица е далеку несразмерна - истакнуваат од партијата. Со предложените измени се предвидува бришење на членот кој го ограничува максималниот износ на основицата за пресметка на придонеси, што значи дека придонеси ќе се плаќаат на целиот остварен приход, без ограничување. Целта е да се воспостави еднаков третман на сите граѓани пред законот и да се елиминираат постојните привилегии. Покрај зголемување на правичноста, се очекува ова решение да донесе и повисоки приходи во фондовите за социјално осигурување, што дополнително би ја зајакнало стабилноста на системот. Законот треба да стапи во сила по вообичаениот уставен рок, по неговото усвојување во Собранието.
П.О.
