Економија, финансии, бизнис

Контакт

УЈП воведе мобилни шалтери

УЈП воведе мобилни шалтери
Управата за јавни приходи од денеска воведе мобилни даночни шалтери преку кои даночните услуги треба да бидат достапни поблиску до даночните обврзници. Со три специјално опремени комбиња како даночни канцеларии, даночниците ќе ги посетуваат населените места каде Управата нема постојани даночни канцеларии, како и локации кои ќе можат дополнително да се утврдат во соработка со општините и потребите на локалното население и бизниси.

- Со воведувањето на мобилниот даночен шалтер се прави уште еден чекор за олеснување на даночната процедура, заштеда на време и трошоци за исполнување на даночните обврски и обезбедување брз и лесен пристап до даночните услуги за граѓаните во најмалите места во Македонија, изјави портпаролот на УЈП Весна Новаковиќ на промоцијата на првите мобилни даночни шалтери пред општина Аеродром.

Во текот на денов, како и утре како промотивен период комбињата на УЈП ќе бидат присутни во 12 општини. Покрај Аеродром, за даночните обврзници ќе бидат достапни и во општините Бутел, Кривогаштани, Долнени, Карбинци, Зрновце, Сарај, Ѓорче Петров, Пласница, Осломеј, Конче и во Лозово. Според Новаковиќ, отсега граѓаните и фирмите без да го напуштат своето место на живеење или седиште ќе можат да ги добијат сите даночни услуги и информации, да ги достават сите видови даночни пријави и да ги подигнат сите документи што ги издава УЈП. При поднесување на даночните поднесоци преку мобилните канцеларии на УЈП, даночните обврзници ќе можат да одберат и начин за подигање на документите кои ги издава Управата, лично преку мобилниот даночен шалтер, од најблискиот даночен шалтер или, пак, да им бидат доставени по пошта.
Слично

Поврзани вести