УЈП со над 9.000 писма за плаќање данок на приход остварен во странство пред неколку години, граѓаните затекнати и вознемирени
Над 9.000 граѓани добиле известувања досега дека треба да платат данок за заработки од странство од 200о до 2025 година.
Има и такви вознемирени должници кои велат дека го платиле данокот од хонборарот, но дека сепак добиле писмо од Управата за јавни приходи.
Од УЈП пак велат дека тоа се повици за појаснување и доставување документација и дека не се работи за веќе утврден долг.
Повеќе граѓани добија покана да се јават во УЈП за да ги регулираат своите даночни обврски за приходи од пред пет години, што предизвика бура на реакции и незадоволство кај засегнатите.
Како што прецизираа од УЈП до сега околу 1.300 граѓани го платиле данокот. Ова е само почеток, бидејќи, како што најавуваат од УЈП истата постапка ќе продолжи и за наредните години, односно за 2021, 2022, 2023, 2024 и до ноември 2025 година.
„Врз основа на досега анализираните податоци, околу 9.000 лица имаат остварено доход од странство кој подлежи на оданочување, а истиот не бил пријавен. До сега, околу 1.300 лица доброволно се усогласиле, пријавиле доход во износ од околу 19 милиони денари и платиле данок во износ од околу 10 милиони денари. За 307 лица, Управата службено утврдила даночна обврска во износ од 1,5 милиони денари, која е наплатена“, информираат од даночната управа.
Во однос на постапката, од УЈП појаснуваат дека граѓаните треба да поднесат електронска пресметка преку системот е-даночни услуги на УЈП, како и да ги прикачат сите потребни документи и докази за остварениот доход од кои може да се утврди основот на остварени средства, како и докази за евентуално платениот данок во странство.
„Данокот на личен доход се утврдува исклучиво во случаи кога средствата од странство претставуваат остварен доход по основ на работа, хонорарни ангажмани, услуги, авторски и сродни права или друга самостојна дејност, согласно закон (ЗДЛД)“, велат од УЈП.
