Економија, финансии, бизнис

Контакт

УЈП со месеци ги бара Капушевски и Сулкоски да платат данок

УЈП со месеци ги бара Капушевски и Сулкоски да платат данок

Управата за јавни приходи со месеци „ги бара“ бизнис партнерите Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, инаку сопственици на РКМ, за да платат данок. 

Двајцата трговци со мазут се осомничени од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција за злоупотреби при јавни набавки и перење пари, а од минатиот месец „ги следи“ и УЈП за неплатени даночни обврски.

Од таму не кажуваат за колкава сума станува збор со одговор дека се работи за даночна тајна до исполнувањето на пропишаните критериуми за евентуално додавање на нивните имиња на јавната листа на должници. 

УЈП на 19 август има издадено јавна објава „за уредно доставување на решенија за утврдување на даночна гаранција и определување на даночен гарант за даночен долг неплатен кај поведување на постапка за присилна наплата“ за Капушевски и Сулкоски како физички лица. Рокот да ги подигнат решенијата, кои претходно биле изготвени на 9 мај, бил осум дена.

- Управата за јавни приходи Ве информира дека: барањето за информација за конкретните даночни обврзници кое е доставено до Управата за јавни приходи претставува даночна тајна согласно член 9 од  Законот за даночна постапка и побараните информации не може да се споделат со јавноста, освен ако барањето е доставено од надлежен орган согласно Законот за даночна постапка, ни одговоорија од Управата.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во март отвори истрага и осомничи 13 лица за злоупотреба на службената положба и за перење пари, а полицијата ги уапси Капушевски и Сулкоски. Полицијата го приведе и Асмир Јахоски сопственик на компанијата „Пуцко Петрол“ инаку син на пратеникот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Исмаил Јахоски. 

Обвинителството и официјално соопшти дека отвориле истрага, откако пријава до нив за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино пристигнала од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Предистрагата на Обвинителството покажала дека Капушевски и Сулкоски имале помош за да бидат конкурентни и РКМ да продаде стотици илјади тони мазут на ТЕЦ Неготино за 167 милиони евра во енергетската криза.

Од Обвинителството за организиран криминал неофицијално не ја исклучуваат можноста истрагата да биде проширена за други дела и на други лица.

А.К.

Слично

Поврзани вести