Економија, финансии, бизнис

Контакт

УЈП не си го почитува работното време

УЈП не си го почитува работното време

Управата за јавни приходи (УЈП) не си го почитува сопственото работно време. Ова е коментарот на повеќемина скопјани кои се пожалија дека во вечерните часови наишле на затворена врата во дирекцијата кај зградата на поранешен ЗОИЛ иако шалтерите треба да бидат отворени до 21:30 часот. Поради тоа, тие биле приморани да се вратат назад со незавршена работа и повторно да доаѓаат следниот ден, но овој пат биле приморани да земат слободен ден и да губат дневница за да ја поднесат регистрацијата за персонален данок. А, токму со желбата да им излезе во пресрет на потребите на граѓаните и нивно ставање над бирократијата, Владата го оправдуваше воведувањето на двосменското работење на неколку државни управи и институции.

Во УЈП велат дека според нивната евиденција еден вработен имало на работно место до 21 часот и дека до крајот на годината како ќе се зголемува бројот на граѓаните кои ќе поднесуваат пријави, така ќе го зголемуваат и бројот на дежурни лица.

Но, поплаките на граѓаните покажуваат дека некои стари бирократски навики тешко се искоренуваат.

- На 31 октомври отидов да поднесам документи за регистрација во УЈП. Пристигнав во 20:35 часот и наидов на празен шалтер. Ме пречека чуварот кој ме извести дека вработениот си заминал во 20:30 иако работното време е до 21:30 Во меѓувреме дојде и друг граѓанин кој исто така не можеше да добие услуга од УЈП затоа што немаше никој на работа во работно време. На веб страницата на УЈП е објавено работно време до 21:30, кое синоќа не беше почитувано, бидејќи вработениот го напуштил работното место еден час пред истекување на работното време.

Следниот ден во 11:45 повторно дојдов да поднесам документи за регистрација и воедно да се пожалам за непочитување на работното време претходниот ден. Службеникот на информации ме упати кај началникот чие име никој не го кажа. Началникот дојде во холот и кога му кажав за што се работи ме погледна подбивно и ми рече дека тоа се глупости, се сврте и си замина.

Јас го следев низ врата, одев по него и го прашував зошто објавувате работно време и не го почитувате, на што тој одговори со многу длабока мисла дека времето не може да се врати. Исто така, ми нагласи дека имам среќа што денес сум завршила работа и ич да не се секирам. Најважната работа која ја повтори неколку пати е дека јас погрешно сум го сфатила работното време кое, според него, е до 18:00 часот и дека тоа до 21:30 е за во иднина, која иднина не ја прецизираше- вели револтирано Софија Ивановска од Скопје.

Инаку, Управата објави апел со кој се повикуваат граѓаните навремено да ја исполнат обврската за регистрација на системот е- Персонален данок бидејќи до сега се регистрирани 13 илјади граѓани, а се очекува до крајот на оваа година да се регистрираат над 400 илјади граѓани.

- Според нашата евиденција, тој ден едно вработено лице било дежурно во регионалната зграда во Скопје до 21 часот, исто како и претходните неколку дена. За претходно немаме евиденција. Она што го знаеме е дека како ќе се ближи крајот на годината, така се повеќе ќе пристигнуваат физички лица за да поднесат пријава. Според тоа, нашата управа, како што ќе се зголемува интензитетот на работа, така ќе го зголемува бројот на вработени лица кои ќе дежураат навечер- изјави Ивана Дончевска, портпаролот на Управата за јавни приходи.

Од 1 септември 2017 година со двосменско работење почнаа УЈП, Царинската управа, Управата за водење на матични книги, МВР, подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи, во Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана. Реформата на работното време беше вака најавена: „Двосменското работење на градинките и клучните државни институции ги следи современите текови и интересите на граѓаните. Тоа ќе значи дека граѓаните повеќе нема да имаат потреба да ја користат паузата за ручек или да земаат слободен ден само за да завршат некаква административна обврска. Двосменското работење на клучните институции го става граѓанинот во центарот на вниманието на државните институции. Оваа мерка радикално го менува пристапот на институциите кон граѓаните и докажува дека институциите постојат за граѓаните, а не обратно“.

(Р.Ф.)

Слично

Поврзани вести