УЈП ЛИСТА: Јавни претпријатиа и медиуми должат ДДВ на државата!
Приватни фирми од различни дејности, компании во стечајна постапка, државни и јавни претпријатија, универзитети, медиуми, комунални претпријатија, физички лица, се најдоа на последната црна листа што ја објави Управата за јавни приходи. Вкупната бројка на должници е над 3.800 фирми и физички лица, сите имаат различни долгови кон државата, вкупниот долг на сите должници е околу 200 милиони евра. Станува збор за долгови доспеани до 30-ти јуни годинава и неплатени до 30 септмеври, а по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 2.000 евра за физичките лица и повисок од 4.800 евра за фирмите.
Од УЈП велат дека е можно дел од фирмите на листата да имаат блокирани сметки, а некои не, бидејќи зависи до големината на даночниот обврзник и од видот на даноците.
Како најголем должник на врвот на листата е компанијата “Индустрија Ел Азтека д.о.о. Скопје,“ која должи близу 18 милиони евра и веднаш зад неа со слична сума на долг е компанијата Ел Дон Кастило Ангел Д.О.О Е. Л, Скопје. Токму овие фирми во јавноста беа поврзувани со името на Ангел Кастиљо, кој беше обвинет дека го оштетил буџетот за 5,5 милиони евра.
Како должници кон државата се јавуваат и дел од јавните и државните претпријатија.Така и во претходната и во ова листа е ЈП Македонски Шуми со долг од 3,9 милиони евра. Од јавните претпријатија како должници се јавуваат ЈП Македонија пат со долг од над 5,6 милиони евра, Македонска Опера и балет со долг од 12.600 евра, JП Улици и патишта кое должи над 40 илјади евра, ЈП За стопанисување со објекти за спорт во сопственост на РМ со долг од над 446 илјади евра
Меѓу должницте се и дел од фирмите во државна сопственост како Охис и ЕМО. Голем дел од Јавните комунални претпријатија во земјава се на листата на должници.
На листата како должници се јавуваат и дел од медиумите. Така Македонската радио телевизија и овој пат се најде на листата на должници, со долг од 1,5 милиони евра. Со долг од околу 41.300 евра на листата е телевизијата Канал5, потоа телевизијата Алфа со долг од околу 45.600 евра, ТВ БТР со долг од околу 42.800 евра, потоа телевизијата Скај Нет.
Структурата на фирмите должници е различна. Доминираат градежните фирми, тутунски компании, но има и аптеки, фармацевтски компании, винарии, приватни поликлиники, бутици, кафулиња, дискотеки, кафеани, хотели, фирми за консултантски услуги, фирми во стечајни постапки, агенции за обезбедување, спортски клубови, фирми кои веќе неколку месеци не работат како на пример компанијата за месни производи Римес и маркетите Тедико..
Од УЈП објаснуваат дека листата која е во согласност со Законот за даночна постапка, е со цел да се зајакне даночната дисциплина и да се заштити буџетот.
Ваква листа на должници УЈП ќе објавува еднаш во месецот, најдоцна на 10-ти, на која ќе бидат објавени само имињата на должниците, не и на оние кои навреме си ги подмируваат обврските кон дражавата.
Т.С
Слично
