УЈП иницираше стечај на главната фирма на бизнисменот Пецов, побарувањето е непознато
„Алма-комерц“, фирмата на трговецот со горива Ангел Пецов, која се посочуваше како клучен генератор на лажни фактури со кои се намалувал даночниот долг на поврзани компании во случајот „Синџир“, од крајот на минатиот месец е во стечај на барање на Управата за јавни приходи.
Основниот суд Струмица со решение ја прифатил иницијативата на УЈП како предлог за отворање стечајна постапка и за стечаен управител е назначен Борис Грозданов од Струмица. Од Управата во моментов не кажуваат колкаво е побарувањето што го бара како доверител од компанијата за тргување со горива.
- Согласно член 9 од Законот за даночна постапка, бараните информации и податоци чиешто доставување може да има штетни последици и може да претставува повреда на доверливоста на постапката, не се предмет на комуникацијата со јавноста и имаат третман на даночна тајна, освен објавените податоци на веб-страницата на УЈП во листа на должници на доспеани и неплатени долгови по основ на ДДВ, ДД, ПДД, придонеси од задолжително социјално осигурување како и акцизи и царини. Впрочем од отворањето на стечајната постапка, стечајниот управник е овластен за текот на постапката и на деловниот потфат на истиот правен субјект, ни одговорија од УЈП.
На последната ажурирана „Листа на должници“ од 9 јануари може да се види дека Алма-Комерц по две даночни основи на УЈП му должи, барем засега, 108 милиони денари под активирана присилна наплата на парични средства и недвижнини.Фирми на Пецов во август 2024 ја формирале А-М Енерџи Оил Груп за трговија на големо со горива со главнина од 800.000 евра со седиште во Гевгелија, за подоцна во декември 2024 во сопствеништво да се вклучи и Алма-Комерц. Во март 2025 се отвораат пет подружници од кои четири за продажба на гориво на мало - по две во Струмица, една во Неготино во индустриската зона и една во валандовско Раброво, додека петтата подружница е товарен патен транспорт во Неготино. На истиот ден Тритерол Петрол, една од фирмите основачи на А-М Енерџи Оил Груп, во Неготино основа подружница за продажба на големо,иако подоцна регулаторот ќе му ја одземе лиценцата поради кршење на законите.
Во 2024 година 15 вработени во Генералниот даночен инспекторат на УЈП и Регионалните дирекции на УЈП во Скопје, Битола и Прилеп завршија во притвор, осомничени во проширената истрага од предметот Синџир. Станува збор за предмет во кој првоосомничен е Љупчо Пецов-Ѓаволот. Обвинителство го товари Пецов и другите осомничени се товарат дека преку мрежа од 28 компании и фиктивни фактури го оштетиле државниот буџет за околу 8 милиони евра. Поголемиот дел од приведените даночни работници се луѓе кои се наоѓаат на раководни позиции во секторите на УЈП.
Љупчо Пецов, во јавноста познат под прекарот Ѓаволот, по речиси две години бегство од органите на прогонот во случајот „Синџир“, бизнисменот сам им се предаде на надлежните и наместо во затворски притвор, со одлука на Кривичниот суд Скопје е испратен во куќен притвор со 24-часовен полициски надзор, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја ублажи првичната мерка, повикувајќи се на влошена здравствена состојба и ризици по неговата лична безбедност.Во срцето на актуелната истрага е случајот „Синџир“, отворен кон крајот на 2023 година како класичен пример за организиран финансиски криминал. Обвинителството тврди дека 26 лица и 28 компании создале шема за даночно затајување преку фиктивни ДДВ-фактури за набавки и услуги кои реално не постоеле, со што државниот буџет бил оштетен за околу осум милиони евра. Според приговорите и обвинителните акти, Љупчо Пецов е еден од организаторите на групата, а неговата фирма „Алма-комерц Ангел Пецов“ ДООЕЛ се посочува како клучен генератор на лажни фактури со кои се намалувал даночниот долг на поврзани компании.
Дел од обвинетите во „Синџир“ веќе склучија спогодби со Обвинителството и добија затворски и парични казни, но постапката за Пецов беше прекината, бидејќи со месеци беше недостапен за органите на прогонот и за него беше распишана потерница. Парадоксално, во истиот период дел од медиумите објавуваа дека тој слободно се движи низ земјава, додека фирми поврзани со него добиваат државни тендери.
Актуелниот случај не е прв судир на Ѓаволот со правосудниот систем. Неговото име се појавува уште во акцијата „Керозин“, во која обвинителството тврдеше дека преку фирмите „Алма“, „Ангел Петрол“ и „Алма транспорт“ се точело помало количество нафта за греење од она предвидено во договорите за јавни набавки за училишта и јавни институции. Тогашната штета за буџетот беше проценета на речиси три милиони евра
А.К.
