УЈП и ВМРО-ДПМНЕ контра СДСМ: Рекет и селективност или обично плаќање данок?
Поради случаите како 750-те илјади евра во шише, протестот на опозицијата денеска се пресели пред Управата за јавни приходи. Додека опозицијата обвинуваше за рекет и за селективност, од УЈП се бранеа дека сите мора да плаќаат даноци.
Според Горан Мисовски од НСДП, УЈП заедно со Антикорупциската комисија место да се борат против криминалот и корупцијата, станале институции на власта за борба против политичките неистомисленици, додека истовремено ги штитат интересите на власта сокривајќи многу сомнителни случаи.
„Кога УЈП ќе ги отвори ваквите сомнителни случаи и ќе постапува, ќе покаже дека ја извршува основната функција за која постои. Но, сe додека нема одговор на ваквите прашања и сe додека истрагите на УЈП се фокусирани на погрешните луѓе, оваа институција ќе остане само собирач на данок од граѓаните од таксата за радиодифузија и од измислени казни со кои ги уценува стопанствениците“, истакна Мисовски.Управата не остана должна на ваквите обвинувања. Се пофалија дека имаат одлични оценки од меѓународните инстиуции.
„Во услови кога модернизацијата и резултатите на македонската даночна управа се позитивно оценети од страна на сите релевантни меѓународни организации, нашиот напредок претставува пример во регионот и 94% од македонските граѓани и бизниси доброволно ги плаќаат даноците, во сопствениот двор некој за ситни политички поени го промовира плаќањето на данок како „државен рекет“. Токму пратениците треба најдобро да знаат дека плаќањето на даноци не е „рекет“, туку уставна обврска според која – „секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон“, стои во реакцијата од УЈП.На обвинувањата на Мисовски за е селективност, тие посочија дека целата документација и е достапна на јавноста. „Во делот на транспарентноста на УЈП, некои политички партии имаат ‘амнезија’. За сите наведени случаи „Детонатор“, „Пари во шише“ , „Станови на Груевски“ и за сите други случаи што биле завршени во делот на УЈП, информирана е целокупната јавност и доволно е само да се прелистаат архивите на медиумите“, соопштија од УЈП. Реагираше и владејачката ВМРО ДПМНЕ Како неосновани и без докази ВМРО-ДПМНЕ ги посочи нападите на опозицијата врз УЈП.
„Во последниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија, кој беше оценет како најпозитивен досега, токму УЈП беше посочена како институција која забележа напредок во работењето и позитивни оценки во борбата со криминалот и корупцијата“, стои во нивната реакција каде велат и дека УЈП денес е пример како треба да работи една институција во согласност со законите и санкционирајќи ги сите оние кои пробуваат да ги прекршат.Не изостанаа и партиските обвинувања. Според ВМРО-ДПМНЕ, за работата на УЈП во времето на СДСМ најдобро говори правосилната судска пресуда за поранешната директорка Петра Митева која надвор од законските постапки во зградата Тифани купувала деловен простор. J.J.
Слично
