Економија, финансии, бизнис

Контакт

Донации за партиите: Од градоначалници и директори, до обични луѓе и јавни претпријатија!

Донации за партиите: Од градоначалници и директори, до обични луѓе и јавни претпријатија!
Управата за јавни приходи ги објави извештаите од политичките партии за добиени донации во 2013 –та година. Според извештаите, структурата на донаторите е разнолика, од обични луѓе до фирми, градоначалници, носители на партиски листи, заменици министри, директори на претпријатија со акционерски удел. Партиите од власта со повеќе донации Според податоците од извештаите, лани најмногу донации имало на конатата на партиите од власта, ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Во касата на владејачката ВМРО ДПМНЕ по основ на донации се слеале 185.000 евра, од 190 донатори. На листата како донатори се главно физички лица, личности не многу познати за јавноста, но и носители на листи за претсојните парламентарни избори. Па така како донатори лани на листата на ВМРО ДПМНЕ се Маја Стојановска, Васил Пишев, Славе Гошев... Македонски пошти со донација за ДУИ?! Во текот на минатата година на сметката на ДУИ на име на донации стигнале околу 90.000 евра. На листата на оваа партија како финансиери се јавуваат лидерот на партијата Али Ахмети, вицепремиерот Фатмир Бесими, министерот за одбрана Талат Џафери, градоначалници, заменик министерот Невзат Бејта, но како донатор се јавува и АД Македонски пошти, претпријатите каде мнозинскиот удел го има државата, а чиј директор е Рафиз Алити кандидат за пратеник на претстојните парламентарнии избори. Опозицијата и помалите партии со помалку донации Опозициската СДСМ лани по основ на донации имала 5.270 евра. Во извештајот како донаори се има 19 донатори, од кои тројца се физички лица, а останатите се фирми. Од физичките лица, нјамногу пари или 4.800 евра донирал поранешниот лидер на партијата Бранко Црвенковски. Како донатор се јавува и кандидатот за пратеник на СДСМ во 6 Изборна единица, Стојко Пауновски. На веб страната на УЈП се наоѓаат и извшетаите на Демократскиот сојуз, Достоинство, Национална демократска преродба, Народно движење за Македонија, НСДП, Партија за движење на турците, ПЕИ, ПЕП 21, Социјалистичка партија на Македонија. Нема извештај за донациите за ланската година за албанската ДПА. Дел од партиите кои доставиле извештаи навеле дека минатата година немале донатори. Таков е случајот со партијата Достоинство, Народно движење за Македонија и Партија за движење на турците. Дел од другите партии имаат помали суми по сонов на донации. Така НСДП има донации во вредност од 4.850 евра од Министерството за правда, но тоа се оние пари кои според законот од државниот буџет ги добиваат и останатите партии. ПЕИ по основ на донации лани имала 26.052 евра, на сметката на СПМ на име на донации се слеале 1.300 евра. Околу 6.000 евра по основ на донаци лани имало на сметката на Национална демократска преродба, вкупни 112 донатори се јавуваат на листата на Демократски Сојуз кои во партијата донирале 9.530 евра, на сметката на ПЕП 21 по основ на донации лани имало 439 евра. Кој може да се јавува како донатор на политички партии? Според Законот за финансирање, паритиите беа должни до 31 –ви март да го достават извештаите за претходната година до Државниот завод за ревизија и УЈП. Во законот стои дека финансирањето на партиите треба да биде траспарентно. Но токму транспарентноста според политиколозите е клучниот проблем на речиси сите политички партии. Не сите од партиите ги почитуваат законските рокови и другите пропишани одредби. Според последниот извештај на Трансарентност Македонија, лани само 29% од партиите ја исполниле законската обврска за поднесување на финансиските извештаи. А еве што пишува во законот: - Финансирањето на политичките партии се врши транспарентно, со целосен увид од страна на граѓаните и надлежниот орган за контрола на финансиско –материјалното работење. Изворите на финансирање на политичките партии, како и нивните расходи, се јавни и транспарентни и подлежат на контрола од страна на државните органи надлежни за финансиско-материјално работење. Извештајот за добиените донации ги содржи податоците од регистарот задонации. Политичката партија извештајот од ставот 2 на овој член го доставува најдоцна до 31 март за претходната година заедно со годишниот финансиски извештај од членот 27 од овој закон до Државниот завод за ревизија. Политичката партија извештајот од ставот 2 на овој член го доставува најдоцна до 31 март за претходната година до Управата за јавни приходи. Државниот завод за ревизија и Управата за јавни приходи се должни добиените извештаи да ги објават на своите веб страници, стои во Законот за финансирање на политичките партии. Донациите се само дел од приходите на политичките партии. Во вкупниот годишен финансиски извештај, пооснов на приходи спаѓаат и членарина, дотации, подароци, услуги, опрема и друго. - Политичките партии можат да примаат донации во вид на пари, материјални средства или услуги. Политичките партии можат да примаат непарични донации доколку тие,согласно со нивниот статут, можат да бидат употребени за нивните активности. Како донација, согласно со овој закон, се смета и давањето бесплатни услуги на политичката партија, како и давањето услуги на политичките партии за кои плаќа трето лице. Вкупниот износ на поединечната донација не смее да ја надмине сумата од 150 просечни нето плати од правни лица и 75 просечни плати од физички лица во Републиката, исплатени во претходниот месец и објавени од Државниот завод за статистика. Овој износ не смее да биде кумулиран повеќе од еднаш годишно, стои во законот. Политичките партии се должни редовно да водат регистар на донации кој треба да содржи основни податоци за донаторите, датум на добивање на донацијата и вредност на донацијата. - Политичките партии се должни на својата веб страница да го објавуваатрегистарот на донации на секои шест месеци за изминатиот шестмесечен период, во рок од 15 дена од денот на истекот на шестмесечниот период или на друг соодветен начин да го направат достапен до јавноста, пишува во законот. Со законот е пропишано дека како финансирањето на партиите може да биде од јавни и приватни финансии. Во јавни извори спаѓаат средствата со законот им следуваат на партиите од државниот буџет и тоа по два основа: - Средствата за финансирање на политичките партии, во износ од 30% што се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија се распоредуваат подеднакво на сите политички партии кои освоиле најмалку 1% од вкупниот број од гласовите на избирачите кои гласале на последните одржани избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, на ниво на целата Република, или на последните одржани локални избори во единицата на локалната самоуправа. Средствата за финансирање на политичките партии, во износ од 70% што се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија се распоредуваат на политичките партии чии кандидати се избрани за пратеници во Собранието на Република Македонија на последните одржани избори за пратеници, сразмерно на бројот на избраните пратеници и на политичките партии чии кандидати се избрани за советници на последните одржани локални избори, сразмерно на бројот на избраните советници, се вели во извештајот. Во приватни извори се приходите од членарина, донации, дотации,подароци, прилози ,спонзорства,сопствени приходи и друго. Според законот политичките партии не можат да се финансираат од: влади, меѓународни институции, органи и организации на странски држави и други странски лица, државни и локални органи надвор од средствата предвидени со Буџетот на Република Македонија, освен средствата предвидени со овој закон и законите за избори, јавни установи, јавни претпријатија, јавни фондови или други правни лица кои располагаат со државен капитал,јавни претпријатија, јавни установи и јавни фондови формирани од општините,претпријатија кои имаат најмалку 20% учество на државен капитал, верски заедници или религиозни групи. Анализирано според извештаите од претходните години, донаторите се клучните финансиери на речиси сите политички партии. Р.Ф.
Слично

Поврзани вести