Угостителите и натаму во неизвесност, Ангеловски вели дека од понеделник ќе прашуваат што понатаму
Мартин Ангеловски од Групацијата за угостителство вели дека од понеделник ќе биде испратен допис до сите релевантни институции со кои ќе се бараат поконретни детали за тоа од кога ќе започне работата на кафе-баровите, кафеаните и рестораните, откако министерството за здравство и Комисијата за заразни болести одржаа состанок без да се донесе одлука за датумот. на отворањето.
- Ситуацијата и натаму се одложува, но добро ќе биде ако ни дадат некаква проекција од таму. Важно е да знаеме како да се однесуваме и да планираме. Веќе започнавме да дезинфицираме и да уредуваме, но тоа се само општи мерки, додека се уште ги немаме протоколите, тврди Ангеловски за „Фактор“.
Иако угостителите на големо се подготвуваат, денеска како што беше најавено, беше разгледана можноста за олеснување на досегашните мерки за превенција и заштита од ширење на коронавирусот, но сепак Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести одлучија да препорачаат до Владата сите досега донесени мерки да останат во сила.
Угостителите, како и останатите дејности кои треба да започнат со работа и ја чекаат „транзициската фаза“ се уште ги чекаат потребните протоколи од надлежните. Ангеловски очекува членките на асоцијацијата да формулираат заедничко мислење и како комора евентуално да излезат во јавноста со реакција.
- Информациите беа во правец дека треба да се подготвуваме и очекувавме овој ден да ни донесе нешто конкретно. Вака ни преостанува да чекаме преку работната недела - додава претставникот на асоцијацијата на угостители.
Трендот на нови случаи со Ковид-19 во следните два дена, како што се посочува, ќе биде разгледуван на состанокот на Комисијата за заразни болести во понеделник, по што ќе бидат дадени нови препораки до Владата за понатамошно постапување во однос на мерките.
А.К.
