УЕФА одлучи: Натпреварот регистриран со 3:0 за Србија, но со тешки казни!
Дисциплинската комисија на УЕФА одлучи прекинатиот натпревар меѓу Србија и Албанија од квалификациите за Европското првенство да го регистрира со службен резултат 3:0 во корист на домаќинот, но веднаш потоа на Србите им ги одзеде тие три бода!
Одредена е и казна за Фудбалскиот сојуз на Србија, па следните два натпревари дома српската репрезентрација ќе ги игра пред празни трибини. Исто така, Фудбалскиот сојуз на Србија ќе мора да плати 100.000 евра казна, но исто толку ќе плати и Фудбалскиот сојуз на Албанија.
Србија без публика ќе ги пречека Данска и Ерменија, а поддршка на навивачите на домашен терен ќе има само против Португалија следната година.
Ваков е исходот на инцидентот кој го прекина фудбалскиот натпревар, но и ги запали националистичките страсти во двете земји. Во исминатите неколку дена и Србите и Албанците бараа одговорност и извинување од другата страна за неспортско однесување и провокации.
Писменото образложение на одлуката во следните пет дена ќе им биде доставено на двете страни, а тие потоа имаат рок од три дена да вложат жалба до Комисијата за жалби на УЕФА.
Слично
