УЕФА нема да брза со одлука за натпреварот Србија-Албанија
Европската фудбалска унија УЕФА нема да брза со пресудата кој е одговорен за вчерашниот инцидент на фудбалскиот натпревар Србија-Албанија во Белград.
Според првичните информации, УЕФА ќе го реши инцидентот во квалификациите за Европското првенство, но притоа се ќе се одвива по вообичаена процедура.
Претставниците на УЕФА синоќа разговарале со претставниците на двата инволвирани фудбалски сојузи, а денеска собираат докази и извештаи за инцидентот на стадионот на Партизан. Уште не може да се прецизира кога може да се очекува официјалната одлука.
Дури откако ќе се проценат сите аспекти на настаните, УЕФА ќе донесе одлука дали ќе покрене дисциплинска постапка против Србија или против Албанија.
Делегатот на мечот Хери Бин од Холандија по натпреварот соопштил дека тој и специјалниот набљудувач за безбедност ќе испратат свои извештаи до УЕФА, но одлуката останува на дисциплинската комисија.
Натпреварот Србија-Албанија беше прекинат синоќа во 41-та минута заради провокација со беспилотно летало на кое беше закачена мапа на Голема Албанија, но и по тепачката која настана меѓу фудбалерите и одредени навивачи кои влегоа на теренот.
Слично
