Економија, финансии, бизнис

Контакт

УЧИЛИШТА ВО ЧАИР: на таблите стојат албански имиња, во свидетелствата македонски!

УЧИЛИШТА ВО ЧАИР: на таблите стојат албански имиња, во свидетелствата македонски!
На крајот од овој месец учениците од четирите основни училишта во Чаир „Рајко Жинзифов",  „Цветан Димов” , „Јане Сандански”  и основното училиште „Никола Вапцаров” ќе добијат свидетелства со официјалните македонски имиња, иако  две години на училишните табли стојат преименуваните “Исмаил Ќемали",  „Хасан Приштина "  „Јашар-бег" и   „Имри Елези". Според надлежните, официјалните документи –свидетелствата,  за да бидат важечки мора на нив да стојат и офоцијалните македонски имиња. Од Министерството за образование и наука велат дека нема никаква дилема околу   овие училишта и за тоа какви имиња треба да стојат во свидетелствата на учениците бидејќи законот е јасен.
“Учениците на крајот на јуни ќе добијат свидетелства со официјалните имиња, онака како што ги добија и минатата учебна година” -велат од МОН.
И  директорот на  Државниот инспекторат за локална самоуправа Ванчо Шехтански  со ист став. Тој за Фактор вели дека како и минатата така и оваа учебна година свидетелствата ќе бидат со македонски имиња на училиштата. Директорот  на Основното училиште “Рајко Жинзифов”, Кадри Агуши, вели дека деновиве биле преокупирани со екстерното тестирање, но веќе од денеска ќе се фокусираат на подготовка на свидетелствата кои и оваа учебна година учениците ќе ги добијат со македонски имиња.
“Старите имиња сè уште се официјални, додека за во иднина ќе видиме какво решение ќе изнајдат надлежните. Овој период приоритет ни беше екстерното тестирање да помине во најдобар ред, следно е учениците да добијат свидетелства навреме, а догодина ќе видиме што ќе се случи и какви имиња ќе стојат на официјалните документи, дали старите или училиштата ќе  ги добијат новите имиња кои ги одредивме“ –вели  Кадри Агуши – Директор на О.У „Исмаил Ќемали“.
Преименувањето на четирите чаирски училишта е жежок костен кој со години е главоболка во актуелната власт. Додека од Државниот инспекторат за локална самоуправа досега жестоко реагираа на  одлуката за преименување на училиштата на општина токму преку директорот Шехтански, кој донесе решение за нејзино поништување како незаконска, општината веднаш го обжали решението на инспекторатот во Министерството за локална самоуправа, а министерот Невзат Бејта експресно ја прифати жалбата уште пред да стапи во сила решението за поништување на одлуката.Потоа следеше иницијатива до  Уставниот суд за проверка на уставноста и законитоста на одлуката за промена на имињата на училиштата во Чаир. Во меѓувреме просветниот инспекторат поднесе прекршочни пријави за разрешување на директорите на училишните одбори на училиштата во Чаир како и на градоначалникот според кој именувањето на училиштата според алабански дејци било извршено на предлог на албанските граѓани и училишните одбори. Кои се албанските дејци кои пред две години осамнаа на четирите чаирски училишта? Хасан бег Приштина потекнува од Косово, а по младотурската револуција, во 1910 година станал пратеник во турското собрание. Во 1912 година го предводи албанското востание. Тој важел за политички противник на албанскиот крал Ахмет Зогу. Во април 1933 година  како предводник на Косовскиот комитет потпишува сојуз со Анте Павелиќ и со Ванчо Михајлов за заедничка борба против тогашна Југославија. На 13 август таа година бил убиен во атентат. Јашар бег Кумбарџи бил Турчин, познат турски бег од Скопје кој, според неговите потомци немал никаква поврзаност со Албанците. Исмаил Ќемали е роден во Валона и потекнувал од благородничко семејство. По Младотурската револуција од 1908 година тој станал пратеник во новиот османлискиот парламент. Тој е еден од главните фигури во борбата за независност на Албанија и во формирање на владата на независна Албанија. Ќемали бил  и премиер на Албанија од 1912 до 1914 година Имри Елези е припадник на поранешна ОНА, кој во 2001 година бил убиен во престрелка со македонските безбедносни сили. По неговата смрт, во рамките на ОНА била формирана посебна единица, која го носела  неговото име, а во која според информациите на полицијата членувале муџахедини од странски држави што војувале на страната на ОНА. Што ќе се случува со имињата на четирите чаирски преименувани училишта сеуште е отворено прашање, особено по новите промени во владиниот состав, во кој новата министерска позиција за секторот образование  оди во рацете на Абдулаќим Адеми-досегашниот министер за животна средина и просторно планирање.
Слично

Поврзани вести