УБИСТВО ВО КАВАДАРЦИ: Кога институциите „затајуваат”, насилниците се ставаат над законите!
Убиството во Кавадарци во кое зет им пресуди на родителите и сестрата на неговата поранешна сопруга, покрај што ја згрози и растревожи јавноста, е предмет на интерес на експертите кои многупати досега алармирале за тоа кој се зема оружје во рака и се поставува себеси над законите?!
Универзитетскиот професор Владимир Пивоваров вели дека за причините кои биле иницирачки во даден момент едно лице да посегне по оружје, со цел некој да биде лишен од живот, може да се зборува само по извршено сеопфатно истражување на личноста на убиецот, неговото примарно и секундарно опкружување. Ова прашање, додава, треба да и се остави на истрагата во целост да го детектира. Но, она што според него остава простор за дискусија е добивањето на дозвола за поседување и носење на оружје.
“Одлуката некој да добие дозвола за поседување на оружје треба да биде ригорозна. Имено, во претходниот период кога лицето ќе поднесеше барање за добивање на дозвола за поседување на оружје, полицијата вршеше сеопфатни проверки за барателот. Проверки се вршеа не само во службените евиденции туку и по место на живеење како и по место на поширокотo опкружување. Критериумите беа навистина рестриктивни, но даваа позитивни резултати затоа што вакви убиства не се случуваа зачестено како што се случуваат во последно време. Загрижува и фактот што на црниот пазар лесно и за малку пари може да се набави огнено оружје.Во конкретниот случај има потфрлување на надлежните служби бидејќи ако лицето било пријавувано за семејно насилство при што биле нанесени телесни повреди за што од надлежната служба била поднесена кривична пријава,полицијата задолжително требала да го одземе оружјето од пријавеното лице”, вели професор Пивоваров.Според него, органот за внатрешни работи кој издава дозвола за носење на оружје по издавањето на истата е должен однесувањето на таквото лице да го следи, а доколку дојде до сознанија дека лицето отстапува од нормално однесување веднаш треба да му го одземе оружјето за кое има легална дозвола. Станува ли Македонија небезбедно место за живеење? Крвавиот настан според психолозите веројатно е резултат на одредени фрустрации и неспособноста како и неволноста да се самоконтролират сопствените нагони. Она што според нив е исклучително важно е што се почесто луѓето одлучуваат „правдата да ја земат во свои раце“ и лично да ги „израмнат сметките“, непочитувајќи ги правата на другите. Дополнително велат, она што разочарува е дека се поизразен општествен проблем станува тоа што агресијата и насилството добиваат легитимност. Според Огнен Спасовски, доктор по психолошки науки на Институтот за психологија, во земјава се поприсутна е бруталноста, несразмерното казнување, употребата на сила на моќниот над помалку моќниот, без оглед на чија страна се аргументите. Кога ваквото однесување во општествени рамки се толерира и посебно кога се манифестира од повисоки инстанци, додава, лицата на кои им е достапно оружјето кое воедно ја симболизира и припадноста на структурите на моќ, одлучуваат да ја искористат таа сила како легитимно да им припаѓа.
“Причините за фрустрациите на лицето може да бидат различни, што во случајов е најмалку важно. Од каде овие лица ја црпат таа легитимност? Во идентификацијата со моќта, со државата, со институцијата, групата. Во ваква констелација, со пристрасното толкување на селективни настани, потврда за таа легитимност може да „видат“ секојдневно во медиумите, вестите, информациите за постигањата на другите околу нас, што ги води до квази-заклучокот дека „во овој свет или држава, само доколку си водиш сметка за сопствените интереси и одлучно ги решаваш проблемите, можеш да успееш“. Но, цивилизиран живот значи контрола на импулсите и само-контрола на однесување. Во случаите на ваквите крвави насилства, неспособноста да се справат со сопствените нагони и импулси, и неспособноста да ги решат проблемите, овие лица ја маскираат со божемна „решителност“ и „одлучност“. А всушност, тоа е обичен кукавичлук. Надлежните секако треба сериозно да водат сметка за карактеристиките на лицата до кои е достапно огнено оружје. Проблемот е во леснотијата со која овие лица ја носат одлуката да убијат некого, и што сметаат дека имаат право на тоа”, смета психологот Спасовски.Проблемот додава тој, е што таа леснотија на посегнување по оружје доаѓа од секојдневието на насилни односи во општественото живеење, каде доминантна станува културата на бруталност, на прекумерно казнување за нејасни и ненасилни ситуации, а во исто време неретко не-казнување на очигледното насилство. Во таква култура, вели, во ситуација кога големото мнозинство од народот нема можности да ги реализира своите основни материјални и психолошки потреби, бруталноста станува легитимна. И, за жал, потенцира, веројатно ќе станува почеста. Чепреганов: Посебна контрола кому се дава оружје! Последниот крвав настан во Кавадарци кој ја потресе македонската јавност не е само еден изолиран случај кој треба да се разгледува, бидејќи за жал вакви слични случаи на одмазда стануваат се почести, вели невропсихијатарот Методи Чепреганов. Тој потенцира дека неможе на секого да му се даде оружје во рака, бидејќи првенствено мора да има преглед, тестирање и надгледување од страна на раководните луѓе. Најважно според него, е да се воспостави систем на контрола кој би го превенирал или во најмала рака намалил насилството и убиствата.
“Психопатските особини на таа личност можат да се препознаат на психолошките тестови, на разговори или претходно интервју пред да му се даде во рака оружје. Во инкриминисаниот момент има премногу стеснета свест поради покачен афект на омраза, љубомора, злоба кога свеста се губи, нема логично мислење и таа личност практично и не е свесна за последиците. Личноста со психопатолошки симптоми, во момент на силни емотивни напливи ја губи контролата и се одмаздува. Како и да е ова е многу болно и трагично за семејството и многу непријатно за психопрофилот на македонскиот народ”, вели д-р Чепреганов.Закони на хартија, но тешко спроведливи во пракса! Дел од невладините организации многупати досега алармираа дека семејното насилство е во драстичен пораст, а дополнително расте и стравот како да се пријави насилникот и да се стави под контрола. Новиот закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство според нив, сериозно ги регулира казните но не и третманот и последиците со кои ќе се соочат жртвите и нивните семејства, како и дополнително работата со насилниците. Досегашните закони вклучувајќи го и новиот кој треба да стапи на сила од 1-ви јануари следната година според Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет, го дефинира само семејното насилство но не ги препознава сите форми на насилство врз девојките и жените онака како што препорачува Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од сите форми на насилство врз жените и домашното насилство. Носењето на нов закон според неа не значи дека состојбата ќе се подобри доколку не се подобрат капацитетите на институциите и ефективното постапување. И досега вели дека постоеја протоколи и закони, но за жал додава, сведоци сме на позачестени случаи на семејно насилство кои имаат и трагични последици. Во Република Македонија, вели Чаловска, постои пракса да се преземаат законски решенија од други поразвиени земји, кои потоа не може целосно да се имплементираат поради отсуство на капацитети и слабости во институциите.
„Земајќи предвид дека и досега се случуваше жените жртви на семејно насилство да станат и жртви на системот поради слабите капацитети да се одговори на нивните потреби, се сомневам дека до 1-ви јануари, од кога почнува законот да се применува, состојбата драстично ќе се смени. Поврзаноста меѓу сите чинители придонесува жртвата да не биде дополнително виктимизирана. Особено сакам да ги истакнам редовните средби меѓу полицијата, јавното обвинителство и здруженијата на граѓани за меѓусебно информирање во оваа област, пракса која во Република Македонија сеуште не се применува. Тргнувајќи од фактот дека семејното насилство е општествен проблем, присутно е во секое општество, насилство и колку успева да ги заштити жртвите, особено жените и децата, а дополнително да работи и со насилниците на кои и потоа им е потребна помош”, смета Чаловска.Законот според невладините не предвидува мерки за зајакнување на институционалните капацитети за грижа, поддршка и третман од семејно насилство коишто моментално според нив претставуваат најголема слабост во системот на заштита. Тие сметаат дека надлежните за надминување на овој проблем треба да направат план за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашното насилство, попозната како Истанбулска конвенција која е првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството врз жените. Оваа конвенција е ратификувана во 14 земји, а 25 ја имаат потпишано. Македонија ја потпиша Конвенцијата на 08.07.2011, но сè уште ја нема ратификувано. Конвенцијата според невладиниот сектор ги обврзува владите кои ја имаат ратификувано да преземат конкретни чекори за спречување на сите форми на насилство врз жените, од демнеење и сексуално вознемирување до домашно насилство, принуден брак и женска генитална мутилација. Невладините очекуваат со ратификувањето на меѓународната конвенција да се овозможи вистинска волја за борба против сите видови на насилство врз жените, градење на ефикасен систем на заштита кој секогаш предвидува цврста соработка меѓу институциите и здруженијата на граѓани. Б.С.
Слично
