Убиецот од Аеродром не бил обезбедување на владин функционер
Игор С., кој вчера најпрво ги уби двете сестри Наташа Б. и Билјана Б. во Аеродром, а потоа се самоуби, не бил припадник на обезбедувањето на владин функционер, соопшти МВР.
Според полицискиот портпарол Иво Котевски, секој припадник на обезбедување на владин функционер е вработен во МВР, затоа што обезбедувањето на функционерите оди преку Шестата управа на Бирото за јавна безбедност. Игор не бил вработен таму.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска не ссакаше да коментира за неговите приватни релации со одредени функционери, но вели дека не е спорно што пиштолот со кој го извршил убиството му бил издаден со дозвола. По обвинението за загрозување со опасно орудие во тепачка, судот само го опоменал.
„Лицето е евидентирано во МВР. Се работи за настан од пред десет години, што значи дека кога ја добил дозволата за поседување оружје, не постоела никаква законска пречка тој легално да го поседува оружјето“, вели Јанкулоска.
Точните мотиви за злосторството извршено пред очите на малолетните деца на една од убиените сестри уште се испитуваат, но неофицијално станува збор за љубомора. Игор една година бил во врска со Наташа, но таа врската ја прекинала, а тој со тоа не се согласувал, велат неофицијалните информации. Според пишувањата на дел од медиумите, кои се повикуваат на извори во истрагата, Игор С. го планирал убиството и самоубиството и во својот автомобил оставил проштално писмо, како и пари за да се плати неговиот погреб.
Слично
