Економија, финансии, бизнис

Контакт

УБЕДЛИВА ПОБЕДА ЗА ФИДЕС НА ИЗБОРИТЕ: Маневарот на Орбан помина кај гласачите?

УБЕДЛИВА ПОБЕДА ЗА ФИДЕС НА ИЗБОРИТЕ: Маневарот на Орбан помина кај гласачите?

Унгарскиот премиер освои четврти мандат и доби поддршка за својата „нелиберална“ демократија

Унгарскиот националистички премиер Виктор Орбан го освои четвртиот последователен мандат по изненадувачки убедливата победа на парламентарните избори, бидејќи гласачите го поддржаа неговиот маневар околу војната во Украина и неговата кампања за одбрана на традиционалните христијански вредности.

Според прелиминарните резултати врз основа на 80 отсто од преброените гласови, партијата Фидес на Орбан освои 135 од 199 места во парламентот, додека сојузот на обединетата опозиција ќе има 57 пратеници.

Доколку овој резултат се потврди, Орбан и неговиот Фидес го задржаа двотретинското мнозинство во парламентот, благодарение на што досега непречено го менуваа унгарскиот устав и закони.

Таквата убедлива победа дополнително ќе ги зајакне Орбан и неговата амбиција да создаде „нелиберална“ демократија за која критичарите велат дека ги поткопува демократските норми.

„Постигнавме толку голема победа што може да се види дури и од Месечината, а дефинитивно и од Брисел“, рече Орбан, кој изгради кариера претставувајќи се како борбен лидер кој им се спротивставува на бирократите на ЕУ откако прогласи победа.

Изборниот резултат е исто така тежок удар за опозициската алијанса Обединети за Унгарија предводена од Петер Марки Зај, која се состои од шест партии кои ги оставија настрана несогласувањата во обид да создадат обединет фронт против Фидес.

Зај синоќа по објавувањето на резултатите го призна изборниот пораз.

Предизборните анкети покажаа тесен изборен резултат и никој не предвидуваше убедлива победа на Фидес.

Изборите се одржаа во атмосфера на обвинувања од опозициските групи и меѓународните набљудувачи, кои тврдат дека Орбан и Фидес биле фаворизирани во државните медиуми и дека манипулирале со изборните единици.

Поради овие обвинувања и промени во изборните правила, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) испрати целосна набљудувачка мисија од 200 членки, што е само втор пат вакво нешто да се случи во една земја членка на Европската Унија.

Војната во Украина доминираше во изборната кампања, а опозицискиот лидер 49-годишниот конзервативец Марки Зај го претстави гласањето како избор меѓу Истокот и Западот, тврдејќи дека Орбан ги поткопа демократските права, ја сврте Унгарија кон Русија и се дистанцираше од Европската унија.

Тактичкото маневрирање на Орбан очигледно му помогна да ја зајакне поддршката меѓу тврдокорните поддржувачи на Фидес, но во исто време доведе до критики од некои сојузници, вклучително и Полска, а лидерот на тамошната владејачка партија, Јарослав Качински, рече дека не е задоволен од претпазливиот став на Орбан кон Русија.

Орбан, од друга страна, се обиде да спречи кампањата да стане референдум за неговите односи со Москва. Наместо тоа, неговата порака се сведуваше на едноставна идеја: тој ќе ја оддалечи Унгарија од таа војна, додека тоа не беше случај со неговите противници.

И покрај тоа што опозицијата не се залагаше Унгарија да испрати војници во Украина, Орбан ги искористи државните ресурси и медиумите за да предложи поинаку.

Ваквиот став очигледно даде резултати, особено кај постарите, посиромашни гласачи кои ја поддржуваат конзервативната социјална агенда на Орбан.

Агнес, 69-годишна професорка по биологија и хемија, изјави за Ројтерс дека го поддржува Фидес. „Гласав за Орбан затоа што сум Унгарец и националист, а не фашист. Зборувајќи за настаните во Украина, таа рече: „Секоја војна е страшна. Но, ние не сакаме да бидеме во оваа војна“.


FOTO: EPA

Слично

Поврзани вести