УАПСЕН ГАЗДАТА НА „МАРКОВСКИ КОМПАНИ“, БОРЧЕ МАРКОВСКИ - АД ЕСМ објави дека се приведени поранешни раководители во РЕК Битола
Сопственикот на компанијата „Марковски компани ДООЕЛ“, Борче Марковски, според објавите на повеќе домашни медиуми е упасен во акција на Финансиската полиција.
Компанијата „Марковски компани ДООЕЛ“ од Битола, е позната по соработката со РЕК Битола, бидејќи имаше добиено тендери со милионски договори со РЕК Битола, најголемиот енергетски капацитет во државата.
Марковски воедно е и почесен конзул на Белорусија во Македонија.
Неофицијално, Финансиската полиција го сомничи Марковски за местење тендер од околу 100 милиони денари или 1,6 милиони евра од државниот буџет.
„Марковски компани“ на пазарот е долги години, регистрирана како градежна компанија.
Во минатото на прес-конференција беше објавено дека фирма ќе заработува 63.000 евра дневно, со само 10 булдожери во РЕК Битола.
Дел од медиумите пренесоа дека заедно со Марковски, уапсени се и вработени во РЕК Битола, но набрзо пристигна реакција од АД ЕСМ, под чие раководство е РЕК Битола, од каде дементираат дека се уапсени лица од компанијата.
- Во врска со информациите кои денес беа објавени во медиумите за апсење поврзано со сопственикот на „Марковски Компани“, Борче Марковски, сакаме да ја информираме јавноста за следново:
Ниту еден член од тековното раководство на РЕК Битола не е приведен, ниту инволвиран во тековната постапка.
Приведените лица се дел од поранешното раководство на РЕК Битола, а постапката што ја водат надлежните органи се однесува на дејствија и одлуки донесени во претходниот период, пред сегашното раководство да ја преземе функцијата - се посочува во објавата.
потоа додаваат дека го охрабруваат целосното расветлување на случајот и изразуваат поддршка за институциите во спроведување на законските процедури, со цел утврдување на фактичката состојба.
- Во интерес на точно информирање, апелираме до медиумите и јавноста да се прави јасна разлика помеѓу поранешното и сегашното раководство, и да не се изнесуваат дезинформации кои можат да ја нарушат довербата во работата на АД ЕСМ - се нагласува во реакцијата на АД ЕСМ.