Уапсен косовски пратеник кој „вадел“ лажни визи
Косовскиот пратеник Миљаим Зека од партијата Иницијатива за Косово измамувал граѓани на кои им ветувал дека ќе им извади работни визи за Германија за што добивал и паричен надомест. Тој вчера е уапсен од косовската полиција и одреден му е притвор од 48 часа.
Зека се товари за учество во криминална група и затајување на данок, а приштинскиот весник „Експрес“ потсетува дека косовскиот пратеник бил уапсен откако порталот „Инсајдери“ објавил текст за „скандалот со визите“.
- Деветстотини граѓани на Косово се обиделе да емигрираат во Германија со работни визи добиени во една агенција за вработување, која всушност била измамничката шема на пратеникот Миљаим Зека и неговиот соработник Илир Красниќи, пренесува „Експрес“.
Како што се наведува, подносителите на барањата наводно плаќале за виза од 50 до 3.500 евра. Красниќи, исто така, е приведен пред неколку дена.
