Уапсен еден осомничен за убиството на заменик директорот на УЈП во Струга
Полицијата првиде едно лице на возраст од 30 години , осомничено за убиството на заменик директорот на УЈП во Струга Аргетим Асани.
Асани денес беше смртно убиен и на повредите им подлегнал веднаш при што лекарите во болница констатирале смрт.
Приведениот не го негирал убиството, велат неофицијални информации а МВР соопштува дека убиството се случило во центарот на Струга, пукано е од автомобил Голф кој бил во движење, а е застрелан со најмалку 5 куршуми.
„Нешто пред 13 часот на улицата Маркс и Енгелс во Струга пукано е врз жител на Струга роден 1973 година. Кон него е пукано од возило во движење марка Голф со црна боја и струшки регистарски таблички. Убиството е извршено со пиштол, а полицијата приведе еден осомничен на возраст до 30 години. Се работи на откривање на мотивите за убиството. Идентитетот на осомничениот не го соопштуваме“, велат од СВР Охрид.
После инцидентот и пишувањата на медиумите дека Асани бил член на ДУИ, од оваа партија го негираа тоа.
„Убиениот заменик директор на УЈП ниту е член на партијата ниту е партиски функционер, изјавија од ДУИ напоменувајќи дека зад овој инцидент нема внатрепартиски мотиви како во Куманово туку станува збор за инцидент со криминална заднина.
Асани ѝ стана познат на пошироката јавност минатата година откако беше повреден во конфликт во врска со внатрепартиските избори на ДУИ во Струга.
Во декември минатата година, во тепачка меѓу поддржувачите на струшките функционери на ДУИ Рамиз Мерко и Арбен Лабеништа, настрада токму Асани, кој со полесна повреда заврши во струшката болница. Медиумите тогаш пишуваа дека групите си размениле тупаници, клоци и се гаѓале со мобилни телефони.
Асани му е заменик на директорот на УЈП Горан Трајковски од 2013 година.
