Уапсен е убиецот на момчето-доставувач на пици во Хрватска, полицијата го пронашла гол
Бруталниот убиец Кристијан Алексиќ утрово е уапсен од страна на полицијата во хрватскиот град Дрниш, а 50 годишникот е пренесен во полициска станица утрово.
Силни полициски сили во пошироката област Дрниш интензивно трагаа од саботата вечерта по 50-годишниот Алексиќ, осомничен за убиството на 19-годишниот доставувач на пица Лука М. По пукањето тој избегал од местото, а според хрватските медиуми, полицијата денес го пронашла гол и сокриен во близина на својата куќа.
Злосторството се случило во саботата околу 23 часот на терасата од семејната куќа на Алексиќ, а градот оттогаш е под полициска опсада. Сите влезови и излези во градот беа затворени поради претресот, а граѓаните беа повикани да не ги напуштаат своите домови.
Според информациите од Полициската управа Шибеник-Книн, инцидентот се случил околу 23:05 часот на тераса од семејна куќа. Осомничениот со огнено оружје пукал во младото момче, кое починало на самото место од здобиените повреди.
Според неофицијални информации објавени во хрватските медиуми, 19-годишникот бил доставувач на храна и дошол на адресата по нарачка, по што, под сè уште неразјаснети околности, бил застрелан.
Полицијата потврди дека во тек е интензивна потрага по сторителот, а на терен се ангажирани голем број полициски екипи. Истовремено се спроведува истрага за целосно расветлување на случајот.
Осомничениот, како што соопшти полицијата, ѝ бил познат од порано поради случаи поврзани со нелегално оружје, а истрагата продолжува.
