ТВ Сител се огласи после конференцијата на Заев!
Откако на денешната прес конференција опозицискиот лидер Заев објави неколку аудио снимки меѓу кои и една во која главниот уредник на ТВ Сител Драган Павловиќ-Латас зборува со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и во истата според слушнатиот аудио разговор може да се забележи како министерката си нарачува прилог во вестите на „Сител“ а уредникот, нервозен пак, и враќа дека не можел да ги исполни сите нивни нарачки и да не претеруваат, споменатиот медиум после неколку часа се јави со реакција до опозицијата.
Ви ја пренесуваме во целост:
„Редакцијата на Сител по којзнае кој пат е згрозена од нападите на СДСМ и Заев врз интегритетот на телевизијата и на уредниците и новинарите кој работат во неа. Сител Телевизија има легитимно уставно загарантирано право да пренесува информации, да коментира и да подржува одредени политики за кои мисли дека се за добробит на Македонија и на Македонскиот народ. Ние како медиум во целост, како и нашите уредници самостојно одлучуваат со кого ке зборуваат, од кого ке добиваат информации, на кој начин ке ги пласираат добиените информации, дали нешто ке објавуваат или нема да објавуваат, бидејќи ние како медиум имаме и општествена, и цивилизациска и морална одговорност, пред себе и пред своите гледачи. Како што Фокс ги подржува и афирмира политиките на Републиканците во САД, или како што НБС ги подржува демократите, или како што медиумите на Блумберг ги подржуваат политиките на својот сопственик, и ние како Сител си го задржуваме правото да подржуваме политики за кои мислиме дека се најдобри.
СДСМ уште во 1996 ја искрши телевизија Сител, истиот тој СДСМ протестираше со своите приврзаници пред просториите на телевизијата во 2013, член од СДСМ физички нападна наш новинар на 24 декември 2012 пред Собранието на Македонија, тогашниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски јавно во емисија на А1 Телевизија се закани дека ке расчистел со Сител до крај ако победел на изборите во 2011. Мислевме дека тука завршил теророт од функционери, раководни лица и членови на СДСМ врз нашиот медиум, но не било така, овие денови ваквата брутална пракса продолжува во нова форма и со нови средства.
Сите сме сведоци деновиве за насилието кое го спроведува еден човек над граѓаните на Македонија криејки се зад функцијата лидер на опозицијата, сите сме сведоци како Заев организира снимање, монтира и ги пушта во јавност снимки од наши уредници и новинари. Сите сме сведоци дека истиот Заев во неколку наврати пушта во јавност приватни разговори на уредници од Сител, пушта приватни муабети кои се водени по телефон без да може било кој да ја провери, оспори или потврди автентичноста на пуштените приватни муабети. Ова е едно мега воајерство на Заев и неговите приврзаници, ова е изживување над новинарите, ова е обид да се замолкнат медиумите кои не се на платен список на СДСМ, Заев и Сорос. Секој граѓанин на оваа земја има со устав загарантирано право на приватност, секој граѓанин на оваа земја сака да се чуствува безбеден во својата земја, секој граѓанин и секој новинар треба да биде заштитен од насилието на Заев.
Денеска на неговиот пресс слушнавме многу силни зборови, а никакви аргументи, но да тргнеме со ред:
- Заев објави дека власта прислушкувала новинари, а сите сме сведоци дека токму тој со своите соработници, снимал, монтирал и сега јавно дистрибуира аудио снимки
- Заев тврди дека медиумите се под контрола на власта, а сите знаеме дека Четири телевизии, три весници, тиресетина портали, стотици новинари оркестрирано работат и се платени од Сорос и СДСМ
- Заев тврди дека нуди докази за корумпираност на новинари и медиуми, а он и неговата партија СДСМ и Сорос се тие кои ги корумпираат најголемиот дел на медиумите во Македонија
- Заев тврди дека објавува снимки на кои се гледа криминално работење, а објавува чаршиски муабети, приватни снимки и рекла казала.
Ги повикуваме институциите да во рамките на своите законски рамки, го оневозможи мешањето на Заев во приватните животи на нашите новинари и уредници, да спречат понатамошен терор врз нашите вработени
Ги повикуваме новинарските здруженија МАМ и ЗНМ, (иако сме свесни дека ЗНМ реагира само ако му нареди СДСМ), јавно да протестираат заради притисокот на Заев врз нашите вработени, заради објавување на приватни телефонски снимки, заради објавување на монтирани снимки со кои се нанесува удар врз честа и угледот на нашите вработени.
Ја повикуваме ОБСЕ, јавно да протестира заради објавувањето на снимките од страна на Заев, снимки со кои се врши обид за линч на сите новинари кои не ги подржуваат неговите политики.
Ги повикуваме Амбасадите во Македонија да реагираат заради оваа безумно малтертирање на секој еден новинар кој што не е истомисленик со Заев.
И за крај сакаме да му порачаме на Заев и неговите, дека колку и да кршите телевизии, колку и да тепате новинари, колку и да претите, колку и да бесрамно објавувате приватни разговори, нема да не заплашите. Нема да ни го ускратите правото на став, правото на наше мислење и правото да ги подржуваме оние кои носат прогрес на Македонија“!
