Тужби за грчките власти за жртвите во пожарите
Роднините на брачната двојка која загина во пожарот во близина на Атина минатата недела, ги тужат грчките власти, пожарникарите и полицијата за нивната смрт.
Властите може да одговараат по кривични пријави за ненамерно убиство, физички повреди и изложеност која води до смрт, поради пожарот или она што се нарекува „библиска катастрофа“, стои во текстот на тужбата во која Ројтерс имал увид.
Наставникот Василис Кацаргирис (70) бил заробен во гаража, а неговата сопруга и семејните пријатели од САД се обидувале да стигнат до најблиската плажа.
Неговата сопруга се вратила да се обиде да го спаси и него и нивната 73-годишна сосетка Марија Пагомену, но не успеала.
Двете жртви починале обидувајќи се да избегаат од пламените, се вели во тужбата. Нивните тела биле пронајдени околу 400 метри од нивниот дом.
„Верувам дека оние кои се одговорни да ги заштитат луѓето, да го изгаснат пожарот и да спроведат мерки на претпазливост за да го спречат тоа, ќе бидат осудени“- вели за Ројтерс Андонис Фусас, адвокат на роднините.
Во тужбата пишува дека два дена пред несреќата го прославиле бракот на ќерки им и дека никој од властите ниту пред, но ниту за време на пожарот, не им кажал како да се однесуваат или да побегнат на безбедно место.
