ТУЖБА ЗА СТЕЧАЈНИОТ НА ТЕ-ТО: Саздовски имал лична корист да го турка стечајот на централата?
Акционери во Топлификација АД до Основното јавно обвинителство поднеле кривична пријава за стечајниот управник на ТЕ-ТО Маринко Саздовски. Тврдат дека тој наместо да го заштити друштвото, одобрил да се отвори стечај и покрај тоа што не биле исполнети условите за тоа. Според нив тој направил низа пропусти во целата постапка, а за сиот негов ангажман ќе добие и над 5,76 милиони денари или по 40.000 денари месечно за 12 години. Саздовски го баравме неколкупати, тврдеше дека е зафатен и дека ќе се јави, но тоа не се случи.
ШТО ПИШУВА ВО ПРИЈАВАТА
Тројцата акционери во Топлификација кои ј аподнеле пријавата врдат дека во Извештај за економско –финансиската состојба на должникот Друштво за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Саздовски не дал реална слика за состојбата на друштвото.
„Бидејќи целата постапка е започната “по налог ” на сопственикот на ТЕ-ТО АД, Битар Холдингс Лимитед, Маринко Саздовски се обидел во извештајот да потврди се она што му било наложено само од овој доверител, Битар Холдингс Лимитед, а на штета на станатите доверители, посебно на штета на доверителот Топлификација АД како и на акционерите во Топлификација АД. Маринко Саздовски како стечаен управник требало да го заштити друштвото ТЕ-ТО АД и да укажи дека нема услов за отворање на стечај од причина што во моментот на поднесувањето на предлогот за стечај, на друштвото не му се доспеани сите побарувања кои тој ги навел во извештајот, тврдат акционерите.
Според нив, Саздовски сам навел дека извршните исправи солемнизации - потврда на приватна исправа врз основа на кои доверителот Битар Холдингс Лимитед повел извршни постапки се склучени во период од 90 дена пред поднесување на предлогот за отворање на стечајна постапка. Тоа според нив, значи дека доколку тој има законска обврска да се грижи за сите доверители, тој имал законска обврска да го заштити и должникот укажувајќи дека побарувањата на овој доверител не се доспеани, односно се со рок на доспевање после 2022 година. Сепак, тврдат, Саздовски не го сторил тоа и во извештајот навел дека спогодбите склучени помеѓу ТЕ-ТО АД и Битар Холдингс Лимитед се ништовни, но со истите Битар Холдингс Лимитед не бил ставен во привелигирана положба од останатите доверители во класата во која е евидентиран.
Тие велат дека во неговиот извештај има половични информации за доверителите на ТЕ-ТО и дека самиот ен се обидел да утврди какви се точните суми. Според нив Саздовски и подмирил на УЈправат за јавни приходи долг од 11 милиони денари, а кон другите доверители не се однесувал исто.
МАТЕРИЈАЛНА КОРИСТ?
На кривичната пријава се потпишани Ивица Стојановски, Георги Велевски и Христо Иванов, сите акционери во Топлификација. Според нив за ангажманот како стечаен управник Маринко Саздовски добил 40.000 денари за месец за периодот во кој ќе се спроведува планот, а тоа е период од 12 години, односно за 144 месеци би добил нето износ од 5.760.000 денари.
„Со ваквото свое однесување Маринко Саздовски, како стечаен управник на кој му е пружена можност да оствари голема имотна корист, во својот извештај а во неговото работење по донесувањето на решението за отворање на стечај со план за реорганизација, му овозможил на должникот и покрај тоа што немало услови за отворање на стечајна постапка да прикаже во својот извештај дека постојат услови за отворање на стечајна постапка, па уште повеќе дека тоа е најдобриот начин на измирување на доверителите бидејќи доколку се впаричил имотот тогаш немало да бидат наплатени ниту обезбедените доверители. Доколку Маринко Саздовски немал материјален интерес од спроведувањето на планот, голема е можноста да бил објективен и реално да каже дали постојат причини за отворање на стечајна постапка, како и да се грижи за еднаква положба на сите доверители, велат акционерите во пријавата.
Според нив Маринко Саздовски им нанел ненадоместлива штета на Топлификација АД Скопје и на акционерите овозможувајќи си самиот себеси голема материјална корист како награда што му овозможил на сопственикот на ТЕ-ТО АД , Битар Холдингс Лимитед , да се стекне со огромна материјална корист, при што сторил кривично дело Злоупотреба на постапката за стечај согласно член 256 од КЗ на РМ.
Фактор го бараше Саздовски неколкупати, ама тој одбиваше да разговара со образложение дека е зафатен. Ако го добиеме дополнително ќе го објавиме и неговиот став.
А.Т.
