Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тутунски комбинат од Прилеп со тримесечна загуба од 2 милиони евра

Тутунски комбинат од Прилеп со тримесечна загуба од 2 милиони евра
Во обид да излезе од неколкугодишната негатива и да стане профитабилна компанија, Тутунскиот Комбинат од Прилеп неделава склучи договор за стратешко партнерство со гигантот Филип Морис. Најновите податоци од Македонската берза покажуваат дека Комбинатот во првиот квартал од годинава работел полошо одошто во истиот период лани. Загуба од безмалку 2 милиони евра направи Тутунскиот комбинат од Прилеп во периодот јануари-март годинава, покажува консолидираниот неревидиран финансиски извештај на загубарот доставен до Македонската берза. Оваа загуба од работењето на Комбинатот е поголема за речиси 1 милион евра споредно со минусот направен во истиот период лани (-1,1 милион евра). Од продажба Тутунскиот Комбинат од Прилеп (ТКП) во првиот квартал од годинава инкасираше 1,3 милиони евра, за разлика од остварените 5,4 милиони евра во истиот период лани, што е пад на приходите од продажба за дури 77%. На домашен пазар ТКП продаде цигари вредни 945.350 евра, наспроти продажбата од дури 4,2 милиони евра во првите три месеци лани. На странските пазари пак, ТКП во првите три месеци годинава оствари продажба од 338.130 евра, за разлика од инкасираните 1,2 милиони евра во истиот период лани. Залихите на цигари на ТКП за првите три месеци од 2014 година изнесуваат 4,5 милиони евра, што е за 11% повеќе во споредба со истиот период во 2013 година, покажуваат податоците од финансискиот извештај. Оперативните расходи за првиот квартал од годинава на Комбинатот пак, изнесуваат 2,7 милиони евра, за разлика од прикажаните 4,6 милиони евра минатата година. Но, и покрај лошите финансиски резултати во првите три месеци од годинава, трошоците за вработените пораснаа за 15% и изнесуваат 1,3 милиони евра. Во обид да излезе од неколкугодишната негатива и да стане профитабилна компанија, неделава Комбинатот склучи договор за стратешко партнерство со гигантот Филип Морис. Двете компании ќе формираат ново друштво со ограничена одговорност Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп во кое Филип Морис Интернешнл менаџмент ќе има 51% учество, а Прилепскиот Комбинат 49%. Управувачката структура ќе му припадне на странскиот партнер. „Со овој потег ќе постигнеме една од стратешките цели, а тоа е да се добие трансфер на ноу хау од водечкиот играч од оваа индустрија во светот“, рече по потпишувањето на договорот вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски. Според најавите на Владата, заедничкото друштво ќе биде одговорно за производство, дистрибуција, промоција и продажба на брендовите од заедничкото портфолио, а ќе има обврска да презема и одредени количини ориентален тутун, откупен од посебната откупна единица на тутунскиот комбинат за потребите на странскиот партнер. „Очекуваме заедничкото друштво да биде регистрирано да крајот на месецов. Веќе е поднесено барање до Комисијата за заштита од конкурентност која треба да даде свое мислење деновиве. Ќе следи преструктуирање, технолошко осовременување на производниот процес и дообука на вработените за производство на брендовите на Филип Морис. Сè на сè, до крајот на годината може да се очекува почнување на производството“, изјави неделава директорот на Комбинатот, Александар Дерменџиев. Од тутунскиот гигант Филип Морис пак, очекуваат дека преку партнерството со ТКП покрај на македонскиот пазар, ќе продрат подобро и на пазарите во Југоисточна Европа. „Уверена сум дека овој заеднички потфат ќе донесе заедничка корист за нашите две компании и ќе создаде цврста основа за иднината на македонската тутунска индустрија. Ќе овозможи проширување на нашето присуство на македонскиот пазар, но исто така и натамошно зајакнување на нашето присуство во регионот на ЈИЕ“, рече потпретседателката на Филип Морис интернешнл за ЈИЕ, Спејси Кенеди. Во договорот не се опфатени 993 моментално вработени во Тутунскиот Комбинат од Прилеп. Раководството на компанијата засега не прецизира колку вработени ќе треба да си одат, но најавува дека ќе се обиде проблемот со превработеноста да го реши побезболно. К.П    
Слично

Поврзани вести