Тутунарите во паника, ќе мора ли Владата да прифати намалување на производството?!
Во пресрет на состанокот на земјите потписнички на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, од здруженијата на тутунари во земјава, порачуваат Владата да истрае во ставот и да не прифаќа намалување на површините со тутун и намалување на субвенциите. Тутунарите алармираат евентуалното намалување на површините и субвенциите, е погубно не само за нив туку и за севкупната економија.
- Ние здрженијата уште лани потпишавме петиција, дека не се согласуваме со ваквата конвенција. И тогаш ставот на Владата беше дека нема да прифати намалување на површините, и сметаме дека тој став не смее да го промени. Над 40.000 семејства во земјава живеат од тутунот, знаете ли што значи за нас тоа, пропаст.Што ќе правиме, од што ќе живееме? Нас и сега ни е тешка состојбата, откупната цена на тутунот не соодвествува со трошоците, нереалните проценки на откупните пунктови продолжуваат, откупувачите си постапуваат како што нив им одговара. Еве добија наредба да откупуваат и за викенди , не ја почитуваат, вели Алија Сали, претседател на Здружението на тутунари од скопско Студеничани.
На лошите ефекти од прифаќање на одредбите од конвенцијата, реагираа и од Стопанската комора на Македонија. Од таму порачуваат годинава владините претставници на состанокот во Женева, да засатанат во одбрана на тутунарите и да се изјаснат дека се против намалување на површините и субвенции за тутун.
- Конвенцијата претставува директен и сериозен удар врз тутунарството. Во Македонија се одгледува строго ориентален тутун. Ако се намалат површините, односно производството, нема егизстенција за семејствата што ја произведуваат оваа култура. Лошото е што на тие површини веќе не може да се произведува друга култура. Наспроти оние препораки и насоки кои ги наложува конвенцијата, Македонија треба да го помага тутунопроизводството и да го субвенционира, и да ги задржи површините со тутун до влезот во Европската унија. Истовремено треба да се отфрли секаква иницијатива на работната група за намалување на производството на тутун, вели Васко Ристовски, од Стопанската комора на Македонија.
Не сме обврзани, ама ако Европа ги намали површините ќе мора и Македонија
Конвенцијата Македонија ја ратификуваше во 2006 година. Од Стопанската комора велат дека и покрај тоа што сме потписници, не сме обврзани да ги намалиме површините, но ќе бидеме принудени ако тоа го сторат другите земји.
- Ние само ратификувавме но не сме должни да ја спроведуваме и да ја вметнеме во легислативата или како што бараат да се забрани финансирање на тутунопроизводството. Но ако почне поголем дел од Европа и пошироко да ја спроведуваат оваа Рамкова конвенција тоа ќе има директно влијание и врз нашето тутунопроизводство, оти ако ние продолжиме со истите површини ќе имаме вишоци што нема да има каде да се извезуваат, што ќе не принуди да го намалиме производството. Работната група е насочена кон стратегијата за принудно намалување на одгледувањето на тутун што е неаргументирано и неприфатливо, објаснува Ристовски.
Состанокот на земјите потписнички ќе се одржи од 18-ти до 20-ти овој месец во седиштето на Светската здравствена организација, во Женева.
Освен конвенцијата, Македонија треба да ја применува принципите на Варшавската декларација за Европа без тутун и европската стратегија за контрола на тутунот. Стопанствениците укажуваат дека овие обврски се во контрадикција со постоечката економска реалност во земјава.
Лани производството на тутун изнесуваше 29.000 тони. Се склучија 42.367 договори. Годинава производството е 30.000 тони. Тутунот е една од стратешките извозно ориентирани гранки Извозот на тутун и преработки од тутун во вкупниот извоз од земјоделско-прехранбениот сектор се движи од 22,2% до 29,6%, а во вкупниот извоз на Македонија од 4,0% до 5,0%
- По основ на даноци и други давачки во државниот буџет на Македонија исплатени од страна на тутунската индустрија, односно 30% од државниот буџет се полни од работењето на тутунските компании присутни во државава.Директно влијание врз економијата на државата.Одгледувањето тутун е важно занимање за населението во руралните реони во Македонија. Одгледувањето на тутунот не е штетно, штетно е пушењето. Производството на тутун нема штетни влијанија врз почвата, водата,воздухот,како и врз растителниот и животинскиот свет. Овие факти СЗО мора да ги има во предвид, вели Ристовски.
Стопанствениците реагираат дека голем дел од учесниците во подготвувањето на конвенциите за против пушењето и промовирањето на здравствената заштита на населението во Македонија биле медицински експерти и непушачи, кои што имале строго погрешно мислење за тутунот, гледајќи само за неговата штетност без земање на неговите огромни позитивни социјални и економски значајности за нашата земја.
Во еврозоната се намалува производството на тутун
На светско ниво производството на тутун бележи намалување,особено во земјите од Европската унија.
Најголеми производители на тутун се Бразил, Кина, Америка, Турција и Зимбабве.Тутунот се произведува во 131 земја во светот и на него се потпираат многу држави , кои од една страна го забрануваат пушењето на јавни места, а од друга страна го користат како значаен извор за националните буџети.
Рамковната конвенција за контрола на тутунот е првиот глобален договор за здравје усвоен од Светската здравствена организација во 2003 година. Целта на конвенцијата е континуирано и значително да се редуцира распространетоста на употребата на тутун и изложеноста на чадот од тутун. Вкупно 176 земји се потписнички на Рамковната конвенција за контрола на тутунот
Ј.С.
Најголеми производители на тутун се Бразил, Кина, Америка, Турција и Зимбабве.Тутунот се произведува во 131 земја во светот и на него се потпираат многу држави , кои од една страна го забрануваат пушењето на јавни места, а од друга страна го користат како значаен извор за националните буџети.
Рамковната конвенција за контрола на тутунот е првиот глобален договор за здравје усвоен од Светската здравствена организација во 2003 година. Целта на конвенцијата е континуирано и значително да се редуцира распространетоста на употребата на тутун и изложеноста на чадот од тутун. Вкупно 176 земји се потписнички на Рамковната конвенција за контрола на тутунот
Ј.С.
Слично
