Туск: Европа засега не е подготвена да ги зајакне санкциите против Русија
Европа засега не е подготвена да ги зајакне санкциите против Русија и покрај континуираните провокации на рускиот претседател Владимир Путин, изјавил претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во интервју за „Њујорк тајмс“.
Туск, кој ќе се сретне денеска со американскиот претседател Барак Обама во Вашингтон, истакна дека сака Европа да заземе силна позиција заедно со САД за спротивставувањето на руските напори за прекројување на украинските граници, за справување со хаосот во земјите како Либија и за добредојде на заканата од џихадиското насилство.
Според него Европа мора да извлече јасни поуки од војната во Украина, за да одговори на предизвиците во една нова и опасна ера.
Туск допатувал во Вашингтон во момент кога Европа и САД сакаат да создадат заеднички фронт против Путин и да ја продлабочат соработката во борбата против тероризмот, наведува весникот.
Тој призна дека комплицираниот процес на донесување одлуки во Европската унија прави тешко за заедницата да одговори на активностите на Русија и на други безбедносни предизвици толку брзо и цврсто, колку што сака Вашингтон.
Но, со оглед дека санкциите против Русија истекуваат наскоро, Обама бара поддршка од европските сојузници за одржување на притисокот врз Москва, изјавил Туск.
Според него, во моментов е невозможно да се постигне едногласност меѓу земјите во ЕУ за воведување дополнителни санкции против Русија, и покрај мноштвото нарушувања на договорениот прекин на огнот во Украина.
„Некои политичари во Европа се подготвени да веруваат дека постои можност за добра волја“ од страна на Путин и Русија, изјави Туск. „Јас сум скептичен“, додал тој. Туск предупреди дека е потребно да има „постојани напори“ за заштита од обиди на Москва да ги дели европските лидери, наведува „Њујорк тајмс“.
