ТУРЦИЈА СЕ ЗАСИЛУВА: Нови тенкови влегоа во Сирија
Турција испрати денеска нови тенкови на сириска територија, во рамките на воената офанзива којашто им овозможи на сириските бунтовници кои ја имаат поддршката од Анкара да го преземат градот Џараблус од под контролата на џихадистите од Исламската држава и пред до него да стасаат силите предводени од курдските милиции во Сирија.
Овој потег на Турција доаѓа ден откако во Женава рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Џон Кери, коишто поддржуваат различни страни во повеќе од петгодишниот сириски конфликт објавија дека има напредок во остварувањето на прекинот на огнот, но не ги објавија модалитетите од договорот кои уште треба да се дефинираат.
Во саботата утрото, шест турски тенови влегле на сириска територија, пренесува AFP повикувајќи се на својот репортер од градот Каркамиш кој се наоѓана самата турско-сириска граница. Тој јави дека слушнал експлозии што е веројатно обид на бунтовниците да ги деактивираат експлозивните направи кои зад себе ги оставиле припадниците на Исламската држава во Џараблус.
Агенцијата Reuters, повикувајќи се на воени извори, пренесе дека турските воздухопловни сили во саботата во северна Сирија уништиле голем магацин со муниција на џихадистите во село јужно од Џараблус. Претставник на сирискиот опозициски Воен совет на Џараблус за агенцијата рекол дека оваа група исто така била бомбардирана од турските авион во селото Амарна, каде што имало и цивилни жртво.
Опозициската Слободна сириска армија (FSA), којашто извесен период на територијата на Турција се подготвуваше за офанзивата кон Џараблус, продолжува да воспоставува контрола на северот на Сирија, ослободувајќи од Исламската држава уште пет села во околината на градот, објави во саботата турската новинска агенција Anadolu.
Турција во средата ја покрена воената операција во северна Сирија чија цел е да се истисне Исламската држава од близина на турската граница, како и да се спречат курдските милиции да ги спојат областите кои се под нивна контрола. По трите дена од операцијата, Турција во моментов на сириска територија има 50 тенкови и 380 војници, пишува весникот Hurriyet.
